Почна новата грејна сезона, греењето ќе зависи од температурите

Од Електрани на Северна Македонија додаваат дека, кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, се врши прекин на испораката на топлинската енергија, односно системот за централното греење се исклучува, а веднаш по намалувањето на температурите, повторно ќе се вклучи

Фото: ri на Pixabay

Од денес, 15 октомври, започна грејната сезона 2024/2025 година за потрошувачите што се приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, управуван од АД ЕСМ, соопштија од Електрани на Северна Македонија.

Од таму велат дека испораката на топлинска енергија до потрошувачите ќе се врши во периодот од 6 до 22 часот, следејќи строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските и надворешните температури.

Според овие правила, во октомври и првата половина о ноември, кога временските услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот.

„При тоа, доколку надворешните температури се пониски, се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно со стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 односно 21 степен Целзиусов. Во исто време, со овие правила и дијаграми на испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на корисниците“, велат од АД ЕСМ.

Од Електрани на Северна Македонија додаваат дека, кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, се врши прекин на испораката на топлинската енергија, односно системот за централното греење се исклучува, а веднаш по намалувањето на температурите, повторно ќе се вклучи.

Потенцираат дека годинава, првпат во споредба со претходните години е забележан најнизок број на затворени објекти на почетокот од грејната сезона, што, според нив, се должи на соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици, како и заложбата на новите раководства на компаниите основани од АД ЕСМ.