Со новиот закон за енергетика ќе се штитат интересите на граѓаните, велат од Влада

Владата подготвува нов закон за енергетика и со него ќе се подобри уредувањето на односите во енергетскиот сектор, јасно ќе бидат определени правилата за сигурно, безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија, информираат од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Во соопштението се вели дека, целта е заштита на интересите на граѓаните.

„Станува збор за реформски закон што ќе биде усогласен со обврските што се превземени од Енергетска заедница за имплементација на „третиот пакет“, што претставуваат сет на директиви и регулативи на Европската Унија. Новиот закон ќе содржи европски правила и реформи со кои Македонија ќе фати чекор со регионот и реформските процеси кои доцнат со години. Рокот до кога требаше да се имлементира „третиот пакет“ беше 1 јануари 2015 година, а непочитувањето на превземените обврски беа причина Европската енергетска заедница да отвори спор против Македонија“, се додава во соопштението.

Од Влада исто така информираат дека нема владина одлука за поскапување на струјата и појаснуваат дека „Владата не одлучува за цената на струјата.“