Грчката влада и опозиција засега не наоѓаат заеднички јазик за изборот на претседател и за смирувањето на разбрануваната политичка клима во државата. Првиот човек на опозициската СИРИЗА, Алексис Ципрас, ја одби понудата на премиерот Андонис Самарас да направи заеднички договор за избор на претседател за да се стави крај на политичката нестабилност во земјата. Ципрас ги разби сите илузии дека опозицијата и владата може да соработуваат за политички прашања, истакнувајќи дека единствената работа за која СИРИЗА би се согласила со Самарас и со коалициската влада е за датумот кога да се распишат предвремени избори.

Грчкиот премиер вчера, преку колумна во весникот „Етнос“, го отвори прашањето за постигнување национален консензус и испрати порака до Ципрас дека е неопходно да дојде до заеднички договор и до компромис меѓу владата и опозицијата за избор на претседател за да се стави крај на политичката нестабилност и неизвесност во државата.

„Ако сакаат да се разбереме, тогаш сите заедно ќе избереме претседател и тогаш националниот консензус е можно да се постигне уште утре, а јас сум првиот што го сака тоа. Ако и натаму инсистираат да ја туркаат државата кон избори, за што точно ќе се разбереме? Како да ја кренеме државата во воздух?“, пишува со остар тон Самарас.

Неговиот предлог не наиде на позитивна реакција кај СИРИЗА. Наместо прифаќање на идејата за национален консензус, Ципрас преку говор во Јанина му фрли ракавица на грчкиот премиер, посочувајќи дека ќе го искористат целото демократско оружје во борбата да се истисне владата и да се распишат избори.

„СИРИЗА нема да се потпише како опозиција на што и да договорат владата и ’тројката‘“, порача Ципрас. Лидерот на грчката опозиција го обвини Евангелос Венизелос како соучесник на Самарас, критикувајќи ја владата за спроведување пропаганда на стравот меѓу народот.

Ципрас денеска попладне има средба со Венизелос во грчкото министерство за надворешни работи. Иако официјалната агенда е информирање и дискусија околу прашањата од надворешната политика, сепак грчките медиуми шпекулираат дека на маса ќе се најдат и предлогот за национален консензус околу изборот на претседател и за избегнување на натамошната политичка дестабилизација на Грција.

Предлогот за национален консензус се смета за уште еден обид на грчката влада на секаков начин да избегне предвремени избори. Самарас и Венизелос и натаму остануваат вклештени меѓу незадоволството на народот и барањата на „тројката“, со која продолжуваат преговорите за иднината на грчкиот долг и за програмата за штедење. Според информациите во Грција, „тројката“ бара Грција да воведе нови мерки во висина од 2,5 милијарди евра за 2015 година за да се покрие очекувана дупка во буџетот. Грчкиот предлог за овие мерки е да се зголеми данокот на додадена вредност во туризмот, односно за преноќувањата во хотелите, замрзнување на пензиите уште три години до 2018 година, укинување на сите пензии пред 62 години, почнувајќи од 2019 година, нови намалени плати и укинување на бонуси во јавната администрација.

М.П.