Силен земјотрес ја погоди Калифорнија, десетици илјади лица се без струја

Мапа: OpenStreetMap

Земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала ја погоди областа Еурека во Северна Калифорнија рано во вторникот, јавува Си-ен-ен. Според Американскиот геолошки институт, земјотресот ги разбудил луѓето од сон, притоа оставајќи илјадници луѓе без струја и оштетувајќи најмалку еден мост.

Земјотресот се случил во 2:34 часот по полноќ и бил со епицентар во Пацификот веднаш до брегот на океанот, на околу 7,5 милји од градот Ферндале во округот Хумболт.

Повеќето домови и бизниси во округот Хумболт беа без струја рано во вторникот. Повеќе од 71.000 прекини во снабдувањето со струја се пријавени кратко по земјотресот.

„Откако тресењето конечно престана, ги зедовме нашите батериски светилки и телефони и погледнавме наоколу. Сè беше во хаос“, вели Венди Пикет Монолијас која се разбудила од сон во Еурека.

Потресот направил пукнатини на мостот во Ферндале и истиот е затворен за сообраќај.

Повеќе од дваесетина помали земјотреси со јачина од 4,6 степени ја погодија областа по главниот потрес. Главниот земјотрес предизвика барем неколку помали потреси долж крајбрежјето од Орегон до јужно од Сан Хозе, Калифорнија, покажуваат сеизмолошките извештаи.

Денешниот земјотрес доаѓа точно една година по земјотресот со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала што ја погоди приближно истата област. Земјотресот го погоди Кејп Мендосино во округот Хумболт на 20 декември 2021 година и предизвика помали оштетувања на зградите во областа.

Засега нема закана од цунами која би била поврзана со земјотресот, соопштија американските власти.