Шестмина млади креативци добија награди за најдобри дела на тема „Органодонорство“

„Тоа ново пулсирање на животот, помислата дека некој некаде живее подобро, за миг, носи утеха и некакво спокојство. Тоа е врвен знак на хуманост, емпатија, на љубов“, истакна Адријана Ѓоргиев од Министерството за здравство

Фото: Проект „Поддршка на системот за трансплантација“,

Средношколците Амра Седиковиќ, Давид Манасијевиќ, Адријана Мирчевка, Ана Тасева, Гоце Велески и Воскресија Андреевска, се шестмината креативци кои добија награди за најдобри решенија на повиците за визуелни дела на тема „Трансплантација и органодонорство“. Целта на ова е да поттикне отворено размислување и разговор за значењето на органодонорството.

На повиците пристигнале дела од 120 млади лица. Организаторите, односно, одговорните од проектот „Поддршка на системот за трансплантација“ (финансиран од ЕУ), велат дека делата кои пристигнале се приказ на креативност и сочувство. Инаку, наградените дела се изложени во „Ист Гејт“ мол, а изложбата ја отворил евроамбасадорот Дејвид Гир.

„Да се дарува орган е еден од најблагородните чинови што може да се направат. Донирајќи орган, вие донирате живот на друго лице. Благодарност до сите што учествуваа во повиците, талентот е евидентен. Горди сме на поддршката што ја обезбедуваме оваа земја да добие првокласен систем за трансплантација и органодарување, систем усогласен со највисоките стандарди. Доколку бидеме свесни можеме заеднички да спасиме животи“, изјави Гир.

Најдобрите дела ги избра жири кое го сочинуваа, Дита Старова Ќерими, ликовен уметник, Зоран Кардула, дизајнер, Томислав Георгиев, фотограф, Маја Мојсова Мијовска, Национален координатор за трансплантација, Радмила Живановиќ, психолог.

Свои обраќања на изложбата имаа и националната координаторка за трансплантација, Маја Мојсова Мијовска, како и Адријана Георгиев, од Министерството за здравство.

„Како што вели слоганот на едно од побеничките решенија, моќта да се промени крајот на нечија приказна и да се најде утеха за сопствената болка и за тоа дека дел од нивните блиски продолжува на некој начин да живее. Тоа ново пулсирање на животот, помислата дека некој некаде живее подобро, за миг, носи утеха и некакво cпокојство. Тоа е врвен знак на хуманост, емпатија, на љубов“, истакна Георгиев.

Д-р Мојсова Мијовска кажа дека донорите, семејствата на донорите, со своите одлуки, носат една нова надеж.

„Тоа е начинот да покажеме и една друга перспектива, наспрема свртеноста кон себе и индивидуализираноста. Сакаме и на младите да им ја пренесеме пораката дека не постојат табу-теми и теми за кои се плашиме да зборуваме. Неопходен ни е разговор дури и на тие теми и притоа мора да градиме ставови. Некогаш животот нè носи во ситуации кога ни е потребно да се донесат важни одлуки. Органодарувањето е една од тие одлуки“, вели д-р Мојсова.