Села: Нема услови за организирање избори 

Централното претседателство на Движењето за реформи на ДПА денеска во Тетово донесе одлука дека во вакви услови, партијата нема да учествува на закажаните избори на 5 јуни.

– Движењето за реформи на ДПА е за избори со стандарди, за кои тврдиме дека во моментов не се исполнети. Нашата партија ќе го чека мислењето на Државната изборна комисија за изборниот список, па потоа ќе имаме и друг став, во наредните денови – изјави претседателот на Движењето за реформи на ДПА, Зијадин Села.

Села апелираше до меѓународната заедница да помогне во надминување на кризата околу изборниот процес.

– Апелирам до европската заедница и до САД да не дозволат уште еднаш да се манипулира со волјата за промени на граѓаните. Тврдиме дека одлуката на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ има цел да ја изманипулира волјата на граѓаните, што во суштина е демократијата – изјави Села.

Од Движењето за реформи на ДПА сметаат дека изборите треба да се организираат со учество и со консензус на сите политички партии, за да се гарантира вистински легитимитет на изборниот процес и неговите резултати.