СДСМ: Одлуката на СЈО потврди дека „Пуч“ е монтиран судски процес, инициран од Груевски

Пропадна најголемиот, најочајниот и најнискиот обид за монтиран судски процес во независна Република Македонија, инициран од поранешниот премиер Никола Груевски, се вели во соопштението на СДСМ, во врска со одлуката на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за повлекување на обвинението за случајот „Пуч“, во кој еден од обвинетите е лидерот на партијата, Зоран Заев.

– Со денешната одлука на Специјалното јавно обвинителство, да се откаже од обвинителен акт против претседателот на СДСМ, Зоран Заев и другите лица во т.н. случај „Пуч“ и официјално се потврди дека странските служби, жолтите комбиња, тактичката опрема, клонираните базни станици, се несовесна и безобразна измислица на Никола Груевски. Груевски, фатен во скандалот со нелегалното прислушување заедно со неговиот братучед Сашо Мијалков, ги лажел за свои интереси граѓаните на Република Македонија – стои во соопштението на СДСМ.

Оттаму велат дека случајот „Пуч“ ќе остане запишан во историјата на Македонија како еден од обидите на „режимската власт за прогон на политички противници“, но и како „доказ, охрабрување и поука, дека никој и ништо не може да застане на патот на вистината и на правдата“.

– Македонија никогаш повеќе нема да биде темен вилает без правда и законитост. Помина времето кога обвинетиот Груевски и неговите соработници можеа да нарачуваат истраги, пресуди и да монтираат судски процеси. Почнати се демократските процеси во Македонија, доаѓа време на правда, сигурност и на одговорност на граѓаните, кога секој ќе биде еднаков пред законите – додаваат од СДСМ.