СЈО го повлече обвинението за „Пуч“ оти било спротивно на доказите

Специјалното јавно обвинителство се откажува и го повлекува обвинителниот акт за случајот „Пуч“, во кој меѓу обвинетите се лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и поранешниот директор на Управата за безбедност и конраразузнавање, Зоран Верушевски.

Како што информираат од СЈО, причина за ваквата одлука е тоа што „фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои тие располагаат“ и со наодите на обвинителството во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.

За одлуката, како што стои во соопштението, СЈО денеска со допис ќе го запознае и Основниот суд Скопје 1.

– Ова јавно обвинителство со поднесок што во текот на денешниот ден ќе биде доставен до Основниот суд Скопје 1 Скопје, се откажа од обвинителниот акт за предметот познат во јавноста како „Пуч“, од причина што фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои ова јавно обвинителство располага и со наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“ – велат од СЈО.

Според нив, целта на ваквата одлука е да се „приберат дополнителни докази што во целост ќе ја разјаснат фактичката состојба и ќе овозможат донесување правилна и законита јавнообвинителска одлука“.

– Појаснуваме дека во насока на професионално работење, ние не може да застапуваме обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаме и истрагите отворени од наша страна. Воедно укажуваме дека со откажување од обвинителниот акт во предметот „Пуч“, ние не прејудицираме дали некој е невин или виновен, туку сметаме дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба, потребни се дополнителни докази, кои не можат да бидат прибавувани во фазата на главна расправа – стои во соопштението од СЈО.

Инаку, обвинението за случајот „Пуч“ беше поднесено од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, на 1 мај 2015 година. Во него, покрај Зоран Заев и Зоран Варушевски, обвинети се и Соња Верушевска, Бранко Палифров и Ѓорѓи Лазаревски. Тие, според обвинението, се товарат за кривичните дела шпионажа, неовластено прислушување и насилство врз претставници на највисоките државни органи.

Надлежноста врз случајот, кон крајот на 2015 година, ја презеде Специјалното јавно обвинителство бидејќи станува збор за предмет кој е поврзан и произлегува од незаконското следење на комуникациите.

Иако имаше повеќе обиди, судскиот процес за „Пуч“ не почна.

Случајот „Пуч“ беше објавен на 31 јануари 2015 година, кога Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за насилство врз претставници на највисоките државни органи.