Поради прогласената тридневна жалост, се откажува одржувањето на неколку фестивали

Извор: Авалон Продукција

Поради прогласената тридневна жалост по вчерашниот пожар во тетовската ковид болница во која загинаа 14 лица, Владата апелираше до сите општествени чинители да ги одложат сите јавни и приватни прослави, забави, културно-уметнички и спортски настани, партиски и друг тип на промоции предвидени за овие три дена.

Организаторите на неколку настани веќе официјално соопштија дека ги откажуваат предвидените активности во наредните три дена. Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски соопшти дека се откажуваат сите најавени настани по повод одбележувањето на Денот на независноста – 8. Септември.

Од Авалон Продукција информираат дека Skopje Sounds Good којшто требаше да се одржи денеска, како и Skopje Calling кој беше закажан за во петок и сабота, се откажуваат поради прогласената тридневна жалост во земјата.

„Сите што имаат купено влезници за овие настани, можат да направат рефундација во рок од наредните пет работни дена, почнувајќи од понеделник (13.09) до петок (17.09)“, информираат од Авалон Продукција.

За викендов е откажано и одржувањето на Фестивал Кокино – Тврдина на Сонцето #3, така што планираните концерти ќе се поместат за одржување наредниот викенд од 17 до 19 септември.

По прогласувањето на тридневната жалост на целата територија на земјава, очекувањата се дека и другите планирани настани ќе бидат откажани во овој временски период.