САД: Изборите за Конгресот се тест за политиката на Обама

Конгрес на САД

Американците во вторник ќе го избираат новиот состав на Конгресот и една третина од Сенатот. Сегашната слаба популарност на актуелниот претседател Барак Обама им штети на демократите. Сепак, според последните анкети, Американците целосно ја губат вербата во политичарите, а и популарноста на Конгресот, со кој владеат републиканците, ја има најниската популарност во историјата.

Во пресрет на избори, партиите се борат за секој глас. Во републиканските редови владее ентузијазам.

– Ова се клучни избори бидејќи Барак Обама е катастрофа за земјата – вели Мет Амер, претседател на одборот на Републиканската партија во Вирџинија.

Американците избираат 435 застапници во претставничкиот дом и 33 сенатори, 36 гувернери и претставници на локалната власт. Математиката е на страна на републиканците бидејќи држат мнозинство во претставничкиот дом. За Сенатот се води тесна трка.

Џон Фортиер, политички аналитичар
Џон Фортиер, политички аналитичар

– Верувам дека републиканците ќе го заземат Сенатот. Постојат мали шанси демократите да ја задржат контролата. Ако републиканците победат, ситуацијата за претседателот нема фундаментално да се промени – вели политичкиот аналитичар Џон Фортиер.

Економијата е број еден за избирачите и во овој изборен круг. Иако бројките покажуваат пад на невработеноста и закрепнување на стопанството, сепак средната класа вели дека не чувствува никакво подобрување. Американските гласачи на изборите во ноември, традиционално ја казнуваат партијата на која ù припаѓа претседателот на државата. Судејќи според анализите и статистиките, есенските избори само ќе ја зголемат дистанцата меѓу Конгресот и Белата куќа, а со тоа и ќе се отежне донесувањето на законите и спроведувањето на политиката на актуелниот претседател.