Ретроспектива на Андреј Тарковски во Кинотека

Извор на фотографија: Филозофски филмски фестивал

Во рамките на 11. Филозофски филмски фестивал, циклусот „Ретроспектива на авторот“ ќе се посвети на режисерот Андреј Тарковски. По главната програма на Философскиот филмски фестивал, којашто се одржа од 27 мај до 3 јуни во хибриден формат во Скопје, од организацијата на фестивалот најавуваат дека во следните денови ќе се прикажуваат филмови од советскиот режисер.

Во периодот од вечерва до 20 јуни, со почеток во 20 часот, публиката ќе може бесплатно да ги гледа проекциите на филмовите во Летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката (или во случај на дожд, во просториите на Кинотеката) – во Скопје и во „Киноверзум“ при МСУ „Г. Р. Державин“ – во Свети Николе.

Ретроспективата е организирана во соработка со Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, Meѓународниот славјански универзитет „Г. Р. Державин“, Кинотеката на С. Македонија, Амбасадата на Шведска и Амбасадата на Италија во Скопје.

За делата на Тарковски при проекциите ќе ќе говорат проф. д-р Игор Евлампиев (Институт за филозофија при Државниот универзитет на Санкт Петербург, Русија), филмологот д-р Атанас Чупоски, м-р Кирил Трајчев (професор на МСУ „Г. Р. Державин“), проф. д-р Славица Србиновска (Филолошки факултет „Блаже Конески“, Скопје), режисерот и филозоф, м-р Стефан Палитов, директорот на Кинотеката на С. Македонија, филмологот Владимир Љ. Ангелов и д-р отец Милан Ѓорѓевиќ (вонреден професор на Православниот богословски факултет во Скопје).

Вечерва во Скопје циклусот ќе го отвори Амбасадорот на Руската Федерација, Сергеј Баздникин. Вечерашната проекција почнува со филмот „Ивановото детство“.