Путин со два дезинфо наратива од Владивосток – ново оружје и САД се негативците, а не Русија

Со овие три изјави Путин практично искажа два руски дезинфо наратива, кои се користат особено по агресијата врз Украина од лани

Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0, Викимедија комонс

Зборувајќи за ново оружје, за случаи од меѓународните односи и грешки што ги правела Москва, ама поголеми биле тие на САД, како и за случајот со Доналд Трамп, рускиот претседател испрати варијација на тема на два руски дезинформациски наратива кои се користат од поодамна, но посебно откако Русија изврши агресија врз Украина лани во февруари – имаме/работиме на ново страшно оружје кое не го поседува никој во светот; САД се негативците во меѓународните односи, а Русија само ги брани своите интереси, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин за време на состанокот со модераторите на клучните сесии на 8 – от Источен економски форум (ЕЕФ) што се одржува во Владивосток, изјави дека Русија развивала ново оружје базирано на нови физички принципи, кое ќе ѝ овозможело на секоја земја ефективна безбедност.

Ако се погледне во безбедносната сфера, оружјето со новите физички принципи ќе ја осигури безбедноста на секоја земја во блиска историска перспектива. Ние многу добро го разбираме ова и работиме на тоа, изјави Путин, а пренесоа порталите на македонски јазик повикувајќи се на Ројтерс.

Развивањето оружје засновано на нови физички принципи вклучува употреба на нови технологии и принципи на дејствување. Таквото оружје вклучува ласерско, ултразвучно, радиофреквентно оружје и други, објави државната новинска агенција ТАСС.

 

Путин: Не е во ред да им штетите на интересите на други народи

Во истиот разговор Путин изјави дека испраќањето на тенкови во Унгарија и Чехословачка за време на Студената војна било грешка на Москва, но нема информации дали е направена аналогија со инвазијата на Украина од февруари 2022 година.

Тоа беше грешка, кажа Путин кога го прашаа дали Русија може да се смета за колонијална сила поради тоа што испрати тенкови во Будимпешта во 1956 и во Прага во 1968 година.

Не е во ред да се прави што било во надворешната политика што им штети на интересите на другите народи, додаде Путин, повеќе од 18 месеци откако ја почна инвазијата на Украина, која прерасна во најголемата војна во Европа од Втората светска војна.

Путин вели дека САД ја прават истата грешка како Советскиот Сојуз..

Вашингтон нема пријатели, само интереси, рече тој за време на Источниот економски форум во Владивосток.

Путин, воедно изјави дека поранешниот американски претседател, Доналд Трамп е жртва на политички прогон поради неговата кандидатура на претседателските избори во САД во 2024 година против актуелниот шеф на државата, Џозеф Бајден.

Ова е политички мотивиран прогон од неговиот ривал, рече Путин.

Рускиот претседател оцени дека ваквата ситуација укажува на „изопаченоста на американскиот систем“.

Нема никакви информации дали била спомената каква било аналогија со прогонот на политичките противници во Русија, нивните судски процеси и долгогодишни затворски казни.

Со овие три изјави Путин практично искажа два руски дезинфо наратива, кои се користат особено по агресијата врз Украина од лани: имаме/работиме на ново страшно оружје кое не го поседува никој во светот; САД се негативците во меѓународните односи, а Русија само ги брани своите интереси.

hubmk