Путин го посети Си во Пекинг, повика на посилна економска соработка меѓу Русија и Кина

Оваа средба доаѓа откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен предупреди дека САД може да изрече санкции кон Кина доколку таа продолжи да ѝ помага на Русија во конфликтот со Русија

Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0, Officia do Palácio do Planalto, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Рускиот претседател Владимир Путин ја истакна важноста на економската соработка меѓу Русија и Кина во посета на кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг, пренесува „Њујорк тајмс“.

Додека неговата армија напредува на украинскиот фронт, а тој си го зацврстува своето место во руската политика со петтиот мандат како претседател, Путин отиде во Пекинг во потрага по поддршката од неговиот „драг пријател“ Си Џинпинг.

Поради американските санкции кон Руската Федерација, нејзината изолирана економија сè повеќе зависи од Кина. Имено, Кина купува големи количини нафта од Русија. На Русија ќе ѝ се потребни уште средства за да ја финансира војната во Украина, особено откако беа одобрени 61 милијарда долари воена помош за Украина.

„Работиме солидарно на формирање на поправеден и подемократски мултиполарен светски поредок“, рече рускиот претседател на средбата со кинескиот лидер.

Путин ја истакна улогата на Кина како најважниот трговски партнер на Русија како и употребата на руската рубља и кинескиот јуан во трансакциите на земјите, наместо американскиот долар.

Путин најави дека двете земји ќе ги зајакнат соработките меѓу своите кредитни институции и банки. Тој исто така рече дека лидерите разговарале за поблиска соработка при енергијата, земјоделството, изградбата на инфраструктура, транспортот и истражувањето на енергијата и нуклеарната енергија, иако рускиот претседател не го спомна предложениот гасовод за природен гас до Кина.

Си, кој го пречека рускиот претседател со грандиозна церемонија, изјави дека е посветен на своето партнерство со Путин, сметајќи ја Русија како критична противтежа на САД.

Истовремено, Кина се соочува со потенцијални санкции од САД доколку таа продолжи да ѝ помага на Русија во војната против Украина. Според САД, Пекинг ѝ помага на Москва со тоа што ја снабдува со сателитски разузнавачки информации, делови за борбени авиони, микрочипови и друга технологија со двојна употреба.

Ваквите санкции може да ја отуѓат и Европа како финансиски партнер. Ова може да претставува сериозен проблем за кинеската економија бидејќи Европската Унија и САД се најголемите увозници на добра од Кина.

Си рече дека тој и Путин разговарале за војната во Украина, што тој ја нарече „криза“,  и го повтори ставот на Кина за неа, односно дека постојат „разумни безбедносни грижи од двете страни“, со што индиректно укажува дека треба да се почитува противењето на Путин на НАТО. Тој не кажа ништо за предупредувањата за санкции од Западот.