Путин ги обвини САД дека ги игнорираат руските безбедносни барања

Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0, Викимедија комонс

Рускиот претседател Владимир Путин ги обвини САД дека се обидуваат да ја вовлечат Русија во војна со Украина, јавува Би-би-си. Тој рече дека целта на САД е да ја употребат конфронтацијата како основа за воведување на дополнителни санкции кон Русија. Исто така, Путин во своето прво обраќање во изминативе недели рече дека САД ги игнорираат руските безбедносни барања во врска со проширувањето на НАТО кон исток.

Путин додаде дека Москва е отворена за повеќе разговори со Западот за намалување на тензиите околу Украина. Воедно, тој рече дека Кремљ сè уште го проучува одговорот на САД и НАТО на безбедносните барања на Русија, кои вклучуваат НАТО да не се шири во Украина и другите поранешни советски земји и дека ќе го укине распоредувањето во Источна Европа.

Инаку, рускиот претседател вчера се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој отпатува во Москва и покрај барањата од опозицијата во Унгарија да не го прави тоа. Орбан вчера рече дека е во „мировна мисија“ во Москва, објаснувајќи му на Путин дека ниту еден лидер во ЕУ сака војна и конфликт. Унгарскиот премиер рече дека ЕУ е подготвена за разумен договор, но и додаде дека вчерашната средба со Путин му е 12-та по ред, пишува Политико.

Во меѓувреме, во текот на вчерашниот ден британскиот премиер Борис Џонсон беше во посета на Киев, каде што се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој директно ја предупреди Русија дека евентуалната инвазија во Украина ќе заврши со хуманитарна, политичка и воена катастрофа за Русија и светот. Џонсон ги отфрли тврдењата дека САД и Обединетото Кралство го заоструваат нивото на опасност за инвазија на Русија врз Украина, јавува Гардијан.

„Тој (Путин) се обидува да ја прекрои безбедносната мапа на Европа и да наметне нова Јалта, нови зони на влијание. Не би била само Украина таа што ќе биде вратена во руската зона на влијание“, изјави премиерот Џонсон.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја повика Русија на итна деескалација на состојбата и побара да ги повлече руските сили и опремата од границите на Украина.

Во телефонскиот разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Блинкен нагласи дека натамошната инвазија на Украина ќе предизвика брзи и тешки последици и ја повика Русија да тргне по дипломатски пат, соопшти Стејт департментот.