Протести во Барселона против независноста на Каталонија

Во Барселона ќе има нови протести кои ќе бидат против прогласувањето независност на Каталонија од Шпанија. Каталонската цивилна асоцијација ги повика противниците за независностa да излезат попладне на улиците. Нивниот слоган е „Ние сме сите Каталонија. Здрав разум за коегзистенција“.

Според организаторите, целта на маршот е да се одбрани единството на Шпанија и да се отфрли „нападот без преседан, во историјата на демократијата“, пренесуваат светските медиуми.

Се очекува дека на протестите ќе учествуваат членовите на централната влада во Мадрид и припадниците на политичките партии кои се за единство на државата. Вчера, околу стотина лица прошетаа низ улиците на Барселона во знак на протест поради прогласување независност.

Шпанија ја презеде директната контрола над Каталонија и ја смени регионалната влада, откако во петокот каталонскиот парламент изгласа декларација за независност. Премиерот Маријано Рахој го распушти регионалниот парламент и распиша нови избори во Каталонија за 21 декември.