Производителите на зелка бараат откупната цена да остане 30 денари за килограм

Претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) денеска се сретнаа со производителите на зелка, кои вчера излегоа на предупредувачки протест со кои посочија дека откупната цена на пролетната зелка сега е на задоволително ниво, но стравуваат дека може во следните денови да се намали.

Во моментов откупната цена на пролетната зелка е 30 денари за килограм, a земјоделците побараа оваа цена да се задржи во следните две недели, за да можат да ги покријат трошоците и да имаат рентабилно производство.

„Пролетната зелка во моментов се извезува во Русија, Полска, Романија, Белорусија и Украина. Земјоделците посочија дека има голем интерес за откуп на зелката, и нема да има вишок. Воедно, земјоделците побараа секојдневно да се следат откупните цени на зелката на странските пазари, и да се прават анализи, а потоа заеднички со откупувачите да ја договараат откупната цена, во интерес на двете страни“, се вели во соопштението на МЗШВ.

МЗШВ ќе прави неделна анализа на цените на зелката на странските пазари, но и на побарувачката, за на време да се преземаат мерки.