Принцот Хари и Меган Маркл соопштија дека добиле ќерка

Принцот Хари и Меган Маркл
WELLINGTON, NEW ZEALAND - October 28: THE DUKE AND DUCHESS OF SUSSEX'S VISIT TO NEW ZEALAND / фото: WIkimedia Commons

Војводата и војвотката од Сасекс, принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл, го објавија раѓањето на нивното второ дете – девојче.

Девојчето е родено во болница во Калифорнија, САД, а парот соопшти дека и мајката и детето се во добра здравствена состојба.

Новиот член во семејството на принцот Хари и Меган Маркл ќе го носи името Лилибет „Лили“ Дијана Маунтбатен Виндзор, кое на девојчето му е дадено според прекарот на Кралицата Елизабета Втора, додека средното име е избрано во чест на покојната мајка на принцот Хари – Принцезата Дијана, соопшти „Би-би-си“.

Лилибет е 11 правнука на Kралицата Елизабета и осма по ред за наследување на тронот. Принцот Хари и Меган Маркл веста ја соопштија на вебсајтот на нивната организација „Арчвел“ (Archewell).

„На 4 јуни бевме благословени со пристигнувањето на нашата ќерка – Лили. Таа е повеќе од она што можевме да го замислиме и остануваме благодарни за љубовта и молитвите што ги почувствувавме од целиот свет“, напишаа тие.

Од Бакингамската палата соопштиле дека „Кралицата, Принцот од Велс и Војвотката од Корнвел, и Војводата и Војвотката од Кембриџ се информирани и воодушевени од веста“.

Принцот од Велс – таткото на Принцот Хари и Војвотката од Корнвел, на Твитер им честитаа на Хари, Меган и нивното прво дете Арчи и им посакаа „секое добро во ова посебно време“.

Честитки до парот испратиja и премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, но и лидерот на Лабуристичката партија, Кир Стармер.

Минатата година Принцот Хари и Меган Маркл се повлекоа од нивните кралски должности и се преселија во САД. Неодамна изјавија дека преселбата не била дел од првичниот план, но сметале дека на прво место треба да им биде семејството и менталното здравје.

„Би-би-си“ додава дека, според правилата утврдени пред повеќе од еден век, како и на првото дете Арчи, така и на ќерката Лилибет нема да ѝ биде дозволено да стане принцеза, сѐ додека Кралицата Елизабта не почине и Принцот Чарлс не стане крал.