Последиците од кризата најмногу се почувствуваа во градежништвото

Градежните активности во првите девет месеци се намалени, а градежниците имаат помалку работа и во странство, информираа од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали.

Според претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски, последиците од политичката криза најмногу се почувствувале во овој сектор, кој беше главен двигател на економијата во последните неколку години.

– Проблемите речиси и да не се решаваа, а постоеја административни пречки во донесувањето одлуки и решенија, кои имаа финансиска импликација врз проектите, додека доспеаните долгови тешко и нередовно се исплаќаа. Наведените причини најмногу придонесоа да дојде до стагнација на работењето и до намалена активност во однос на минатата година, имајќи предвид дека државните органи, односно Владата и локалната самоуправа, беа главните инвеститори и двигатели на градежните активности – рече Серафимовски.

Ваквиот тренд во градежништвото ќе продолжи до крајот на годината, а за следната година градежниците се надеваат дека секторот повторно ќе влијае на порастот на домашниот бруто-производ.