Поради силен пожар, евакуиран цел град во Канада

Околу 60.000 луѓе, целата популација на Форт Мек-Муреј, се евакуирани поради огромен пожар што го зафатил овој канадски град во провинцијата Алберта, јавуваат светските медиуми.

Пожарот, како што пренесува „Би-би-си“, уништил поголем број домови, а улиците на градот се покриени со пепел.

Бегајќи, жителите на Форт Мек-Муреј предзвикале метеж и блокада на главниот пат од градот, на околу 380 километри северно од Едмонтон.

Евакуацијата, како што јавуваат медиумите, е најголемата во историјата на провинцијата Алберта, а пожарот целосно ги уништил домовите во најмалку две населби и почнал да се шири по автопатот 63.

Пожарникарите продолжуваат со битката со огнената стихија, но локалните власти повикале засилување, вклучувајќи и хеликоптер за гаснење на пожар.

Засега, како што пренесува „Би-би-си“, нема информации за повредени лица.