fbpx

По десетина обиди, Уставниот суд конечно избра претседател

Дарко Костадиновски е новиот претседател на Уставниот суд. Седницата за избор на претседател на Уставниот суд, започна на 30 мај и досега имаше десетина круга гласања

-

Денеска, конечно, по десетина обиди, Уставниот суд избра претседател, Дарко Костадиновски.

„Судот информира дека денеска судијата Дарко Костадиновски е избран за нов претседател на Уставниот суд на Република Северна Македонија. Повеќе информации ќе бидат соопштени во текот на денот“, велат од Уставниот суд.

Вчера се гласаше два пати за различни кандидати, при што ниту еден од нив не го доби потребното мнозинство, односно поддршка од најмалку две третини од вкупниот број на судии или најмалку 6 гласови.

Седницата за избор на претседател на Уставниот суд, започна на 30 мај и досега имаше десетина круга гласања.

Судиите Ана Павловска Данева, Татјана Васиќ- Бозаџиева и Осман Кадриу беа предложени за кандидати за претседател на Уставниот суд, но ниту еден од нив не ги доби потребните 6 гласа.

„Ана Павловска-Данева на седницата изјави дека ќе се повлече бидејќи според неа, не сака нејзината кандидатура да биде причина за уставна криза“, извести Управниот суд.

Судијата Татјана Васиќ-Бозаџиева во сите гласања во коишто беше предложена како кандидат доби 5 гласа. Исто така, судијата Осман Кадриу го доби истиот број на гласови, односно 5 во осмиот круг гласање во којшто беше предложен.

Мандатот на досегашниот претседател на Уставниот суд, Добрила Кацарска заврши на 2 јуни 2024 година.

Костадиновски е избран за судија во Уставниот суд на 11 јануари 2018 година.

Роден на 27.11.1974 година во Скопје. По националност е Македонец. Дипломира на Правниот Факултет Јустинијан Први во Скопје 1997 година.

Во 2008 година станува Магистер на правни науки, а во 2012 година и Доктор на правни науки. Магистрира на темата “Меѓународната арбитража во современите меѓународно политички односи (на граница помеѓу правото и политиката)”, а докторира на темата “Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата: правни последици на советодавните мислења на судот”.

Од 2001 година до јануари 2018 година, работи во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. До 2010 година работи како асистент на советникот за надворешна политика, и Раководител на одделението за ЕУ и НАТО.

Од 2010 до 2018 година е државен советник за надворешна политика.

Од 2015 до јануари 2018 година, ја извршува должноста Пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.

Има земено учество на бројни меѓународни и регионални Самити, Конференции и Форуми , од областа на меѓународното право особено во рамките на Обединетите нации и Советот на Европа, како и дипломатска академија и обука во рамките на “World learning”, во САД.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ратко Давидовски од ВМРО-ДПМНЕ не е избран за претседател на Советот на Општина Тетово

Општинскиот советник од ВМРО-ДПМНЕ Ратко Давидовски не е избран за претседател на Советот на Општина Тетово, туку ја водеше вонредната седница за елементарните непогоди. Тоа е затоа што Советот...