Партиите постигнаа договор, Оливер Спасовски нов министер за внатрешни

Лидерите на четирите политички партии, потписнички на Договорот од Пржино, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, по повеќечасовни преговори постигнале договор за законот за влада и за законот за „бомбите“.

Нов министер за внатрешни работи, според договореното, ќе биде генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, а со ресорот труд и социјална политика ќе раководи Фросина Ременски, потпретседателка на опозициската партија.

Законот за влада предвидува замениците-министри да имаат право на вето само за прашања што се однесуваат на изборите и ќе можат да го користат веднаш по стапувањето на функцијата. Државната изборна комисија ќе биде задолжена за решавање на проблемите поврзани со различното толкување на прашањата поврзани со изборите.

Законот за „бомби“, пак, предвидува казни за медиумите што ќе објават материјали со кои се загрозува приватноста на луѓето, но не и за оние што се однесуваат на државни функционери и се од јавен интерес. Сепак, партиите, за овој закон ќе побараат мислење од Венецијанската комисија.