Пациентите доцна одат во болница, „8 Септември“ секојдневно се бори против смртта

Северна Македонија е понатаму е во критичната фаза на ширење на корона вирусот, регистрирајќи троцифрени бројки на новозаболени секој ден. Ваквата состојба трае речиси два месеци, а од 3 јуни земјата регистрира над 100 нови случаи речиси секој ден. Врвот беше регистриран на 13 јуни, со 196 нови случаи. Ова придонесе болниците да се преполнат со пациенти и ситуацијата, која во текот на првите три месеци на пандемијата изгледаше дека лесно се менаџира, сега е видливо отежната, пишува „Порталб.мк“.

Со порастот на хоспитализираните пациенти во болниците, се зголеми и бројот на починати кои го изгубиле животот како последица на заболувањето од ковид-19. Само во текот на првите 8 дена од јуни починаа 57 пациенти, додека рекордот беше регистриран на 2 јули, кога животот го изгубија 15 лица.

Најголемиот број на овие пациенти биле примени во ГОБ „8 Септември“, каде што речиси секој ден умираат пациенти. А за оваа болница најтешкиот ден беше 2 јули, кога починаа 9 пациенти.

„Порталб.мк“ го контактираше директорот на болницата, Христијан Костов, кој рече дека причината поради која последните денови во оваа болница се зголемила бројката на починати, е поради тоа што повеќето пациенти одат во болница премногу доцна и кога нивната состојба е влошена до тој степен што нема начин како да им се помогне.

– Последните два месеци најголемиот број пациенти кои се донесени во болница, беа донесени предоцна. Најверојатно ги лекуваат дома по две недели и кога ќе им се влоши состојбата, кога концентрацијата на кислород во крвта им опаѓа на 30-20 отсто тогаш има многу малку можност да им се помогне. Кога ги носат, можеме само да ги ставиме на респиратор и за жал, повеќето од нив умираат. Значи дека нема опција како да им помогнете. Нема начин да им се помогне. Но, секој ден имаме и пациенти кои се излекуваат, минимум по 10. Големата бројка на лица што умираат од корона, имаат и други болести, слабо срце, дијабетес, слаби бубрези или некоја друга болест и ова ја усложнува состојбата – вели Костов.

Тој дополнува дека „8 Септември“ е единствениот ковид центар, во кој се носат пациенти што имаат други болести и компликации, вклучувајќи ги тука и тие што имаат потреба од хируршки зафат. Потенцира дека болницата има капацитети, меѓутоа бројот на пациенти е поголем и секојдневно се примаат по 10-15 пациенти од целата земја, а се пуштаат најмалку по десет. Моментално во оваа болница има околу 100 пациенти кои користат кислород.

– Уште од 15 март сме ковид центар, имаме официјален документ да бидеме центар за тријажа, тоа значи дека сите пациенти од државата кои имаат симптоми на корона што не се тестирале да дојдат кај нас. Досега бројката на пациенти кои биле кај нас го надминува бројот 1.000. Пациенти со тешка клиничка слика, 90 отсто од кои ги примаме им е потребен кислород, се пациенти со тешки болести кај кои приклучувањето при нивното лекување не е едноставно. Вирусот е таков што влијае врз повеќе органи. Лекувањето е мултидисциплинарно и учествуваат повеќе видови на специјалисти, инфектолози, интернисти од повеќе гранки, анестезиолози. Многу е важно да имате лабораторија, трансфузиологија. Освен тие што имаат слика за пневмонија и симптоми за корона, тука доаѓаат и луѓе со пневмонија, позитивни на корона но им е потребен хируршки зафат. Сите тие што се сомнителни од целата држава ги носат тука – изјави за „Порталб.мк“ Костов.

И од Министерството за здравство на прашањето околу создадената ситуација во оваа болница одговорија дека сите пациенти кои ја изгубиле битката со корона вирусот во текот на последните денови воглавно биле многу тешки случаи.

– Речиси сите тие дошле премногу доцна, во фаза кога било каква терапија е невозможно да влијае и лекарите не се семоќни за да направат било што во тој миг. Дел од нив биле со коморбидитети и хронични болести, кај кои фазата за рано третирање е особено важна, со што може само да се придонесе за подобрување на општата состојба на пациентот – рекоа од ова министерство.

Во меѓувреме, лекарот Ридван Бајрами, хирург во болницата „8 Септември“ вели дека капацитетот на болницата е исполнет, секој ден се примаат нови пациенти и има недостиг од кадар. Според него, ротацијата на лекарите, за што се постигна договор последниве денови со Министерството за здравство, не е доволна за покривање на капацитетите на болницата. Тој објаснува дека ова е единствената болница во земјава која извршува хируршки зафати кај пациентите со ковид-19 и тоа, според него, ја отежнува ситуацијата.

– Докторите се уморни, веќе 4 месеци, јас како хирург работам во болница. Само ние, во цела Македонија, ги покриваме случаите во кои се потребни хируршки зафати кај лицата позитивни на ковид. Според прописите на СЗО, секоја болница треба да има посебен оддел за ковид-19. Значи, хирурзите во Градската болница Свети Наум или во Клиниката во Скопје, зошто тие да немаат пристап или смена на кадарот. Во оваа насока не е направено многу – изјави Бајрами.

Според последните статистики објавени вчера од Министерството за здравство, во ГОБ „8 Септември“ се хоспитализирани вкупно 94 пациенти, при што на респираторна машина се 4 пациенти.