ОЈО: Универзитетот МИТ немал акредитација за некои факултети и водел двојна евиденција

Претресите што полициски екипи вчера и денеска ги правеа во Универзитетот МИТ и во други објекти, по налог на Основното јавно обвинителство Скопје, биле спроведени откако до Државниот просветен инспекторат пристигнале претставки од дваесетина студенти од Турција во врска со студирањето на некои факултети за кои универзитетот немал акредидација или дозвола за работа, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Оттаму велат дека во врска со овие околности, имало реакции и од Амбасадата на Република Турција во Скопје.

Во претресите на универзитетот и во домовите на лица вработени во него, според обвинителството, биле одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација која треба да биде користена во кривична постапка.

„Првичните сознанија на Обвинителството упатуваат на тоа дека на универзитетот биле запишувани поголем број студенти на факултети за дентална медицина, козметологија и за физиотерапија. Со проверка е утврдено дека оваа високообразовна институција не поседува дозвола за работа за факултет за дентална медицина, додека за факултет за козметологија и за физиотерапија нема ниту дозвола, ниту акредитација“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Оттаму додаваат дека за студентите што биле запишувани да студираат на овие факултети во факултетската документација се водела паралелна евиденција, една за коресподенција со студентите, друга за отчет пред државните институции.

„Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со преземање на дејствата за расветлување на овој предмет, каде постојат сомневања дека преку злоупотреба на службена положба и измама е вршен финансиски криминал… Основното јавно обвинителство Скопје со индигнација ги отфрла сите обвинувања и шпекулации за политички мотиви на своето постапување изнесени од лица кои се предмет на истрагата“, стои во соопштението на Обвинителството.

Сопственичката на Универзитетот МИТ, Билјана Апостолова, вчера за дел од медиумите изјави дека полициската акција во универзитетот е одмазда за нејзините отворени критики против власта.