Обвинение против десет лица за обид за убиство на Зијадин Села на 27 април

Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот суд Скопје 1 поднело обвиненија против десет лица за обид за убиство на Зијадин Села во Собранието на 27 април.

Од Обвинителството напоменуваат дека во кривичното дело биле вклучени уште неколку лица, чиј идентитет допрва треба да се утврди.

„Обвинетите, сите заедно, како и со други лица на кои до овој момент не им е утврден идентитетот, се обиделе да го лишат од живот оштетениот Зијадин Села. Дел од обвинетите користеле тврди предмети кои ги фрлале кон оштетениот и притоа му нанеле животно загрозувачки повреди. Другите пак, со употреба на удари, клоци и тупаници го извршиле кривичното дело за кое се товарат“, се вели во соопштението.

Заедно со обвинителниот акт, до судот бил доставен и предлог за продолжување на притворот на деветмина од обвинетите, односно на куќниот притвор на еден од нив.