Нови 88 заразени со ковид-19 од 973 тестирања, 123 оздравени и тројца починати

Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби - Скопје | Фото: Арбнора Мехмети, Мета.мк

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 973 тестирања, а регистрирани се 88 нови случаи на ковид-19 во: Скопје-30, Куманово-8, Дебар-1, Штип-13, Прилеп-5, Тетово-3, Струга-11, Велес-1, Битола-1, Охрид-2, Кавадарци-1, Гостивар-1, Пробиштип-1, Кратово-1, Свети Николе-1 и Кичево-8.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 123 оздравени лица од: Скопје-70, Штип-6, Прилеп-4, Тетово-31, Велес-3, Кочани-2, Пробиштип-1, Кичево -1, Ресен-4 и Неготино-1.

Починати се три лица, двајца пациенти од Скопје и еден од Штип. Во ГОБ „8 Септември“ починати се пациенти на возраст од 43 и 72 години, додека во клиничката болница во Штип е почината пациентка на 76-годишна возраст.

Во скопските општини бројот на активни случаи со корона вирусот речиси е непроменет, освен што има намалување на бројот на активни случаи во Општина Чаир.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 8.197,  бројката на оздравени пациенти е 4.326, на починати е 385, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.486.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 5 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 92 пациенти. На кислородна поддршка се 52 пациенти, нема пациенти на респираторна машина.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 23 возрасни пациенти позитивни на ковид-19, 5 деца позитивни и 1 дете суспектно на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ примени се 8 нови, вкупно хоспитализирани се 88 пациенти. На респираторна машина се 4 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 28, а во болницата во Штип се хоспитализирани 54 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар и Струмица се хоспитализирани 110 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска истакна дека на утринскиот состанок со Комисијата за заразни болести се анализирале податоците за ковид-19 од претходните две недели.

– Трендовите се сѐ уште во насока на тоа да е приближно ист бројот од вкупно дијагностицирани од вкупниот број на тестови направени, ист процентот на хоспитализирани пациенти од вкупниот број на новодијагностицирани. Капацитетите во болниците добро се менаџираат и во однос на кадарот со ротација и во однос на слободни кревети – изјави Филипче.

Тој додаде дека слободни кревети има и во ГОБ „8-ми Септември“, но и на Инфективната клиника и на другите инфективни одделенија во општите и клинички болници ширум државата, додавајќи дека здравствените власти не очекуваат поголем наплив на пациенти за прием во болница.