Нов мирен протест на бегалците на железничката пруга кај Идомени

Бегалците повторно ја зазедоа железничката пруга во неутралната зона кај преминот Идомени. Во моментов се одвива нов протест на бегалците на железничката пруга, во револт поради тоа што со денови се заглавени во кампот, соочени со жичена ограда, затворени граници и со неизвесност дали воопшто ќе бидат пропуштени во Македонија.

Во кампот во Идомени, веќе во очајни услови, со намалени резерви на храна и на лекови, со денови се заглавени илјадници бегалци. Процените се дека во моментов има помеѓу 10.000 и 12.000 луѓе, кои не се знае кога и дали ќе бидат пропуштени ако се има предвид дека дневно се пропуштаат само неколку десетици во Македонија. Кампот буквално се задушува од луѓе и од отпад, креирајќи очајнички и фрустрирачки услови за илјадниците семејства и за мали деца кои спијат во сопствени шатори и во шаторите од волонтерските организации на правлив под со денови.

И покрај ситуацијата, бројката на бегалци што стигнуваат во кампот не се намалува. Бегалците уште при пристигнувањето на Пиреа дознаваат што се случува на Идомени, но независно од фактот што знаат дека границата едвај се отвора, велат дека се решени да одат таму и да си ја пробаат среќата да стигнат до Германија или Австрија.

Волонтерите на „Доктори без граници“ за грчките медиуми изразуваат стравување дека поради лошите услови во кампот, можно е да се појават различни инфекции, болести и проблеми, бидејќи нема ниту чисти тоалети ниту туш-кабини.

Покрај илјадниците на Идомени, околу 4.000 бегалци се сместени во привремени центри во Кавала и во Кукуш. Илјадници се наоѓаат и на пристаништето Пиреа, стариот аеродром во Атина, како и низ сите прифатни центри во земјата.

Секојдневно во Грција пристигаат повеќе од 1.000 бегалци од Турција.