НАТО дискутира за формирање посебен фонд од 100 милијарди евра за Украина

На состанокот нема да има одлука за фондот, но какви било предлози ќе се најдат на дневен ред на самитот на НАТО во Вашингтон во јули

Фото: Daniel Naupold/dpa

Министрите на НАТО вчера во Брисел го разгледуваа предлогот на генералниот секретар Јенс Столтенберг за посебен фонд од 100 милијарди евра за долгорочна воена поддршка на Украина, објави германската новинска агенција ДПА.

Столтенберг предложил „да се создаде плик со 100 милијарди евра за следните пет години“, рече белгискиот министер Хаџа Лахбиб пред почетокот на дводневниот состанок.

„Ќе ја анализираме одржливоста на тој предлог“, рече тој.

На состанокот нема да има одлука за фондот, но какви било предлози ќе се најдат на дневен ред на самитот на НАТО во Вашингтон во јули.

Шефот на шпанската дипломатија Хозе Мануел Албарес и неговата германска колешка Аналена Бербок истакнаа колку е важно НАТО и Европската унија да не ги дуплираат напорите.

Имено, ЕУ веќе има вонбуџетски фонд за воена помош за Украина.

„Секако дека можеме да го оцениме предлогот, но верувам дека во секој случај мора да се исклучи дуплирањето на работата“, рече Бербок.

Истовремено, таа оцени дека формирањето на сигурна, долгорочна инфраструктура е „правилно и важно“ за планирање на испораката на оружје во Украина и обуката на нејзините војници.

Албарес додаде дека „не смее билатерално да се репродуцира нешто што заеднички се прави во ЕУ и во НАТО, да се дуплира со она што го прави ЕУ“.