Најмалку деветмина загинати во самоубиствен бомбашки напад во Дамаск

Најмалку девет лица загинале, а 12 се повредени во самоубиствен бомбашки напад кој денеска се случил во источниот дел на главниот град на Сирија, Дамаск, соопштила сириската опсерваторија за човекови права, јавуваат светските агенции.

„Властите беа во потера по три возила наполнети со експлозив и успеаја да детонираат две на патот кон аеродромот. Третото возило беше опколено на плоштадот Ал-Гадир кога терористот го активираше експлозивот и уби и рани поголем број луѓе“, соопштила сириската државна телевизија.

Агенцијата САНА, пак, пренесе изјава на полицијата, во која се вели дека терористите ги кренале во воздух трите возила.

Дамаск претежно е поштеден од борби во војната што почна во 2011 година, но е цел на самоубиствени бомбашки напади.

Кон средината на март оваа година, во два напади во Дамаск, за помалку од два часа, загинаа најмалку 32 лица, а во двојниот напад што се случи пет дена претходно, настрадаа 74 луѓе. Одговорноста за нападот тогаш ја презеде Ал каеда во Сирија.