Националниот парк „Галичица“ веќе не мора да сече огревно дрво за да обезбеди финансии

Националниот парк „Галичица“ годинава нема да сече и продава огревно дрво заради обезбедување на финансиски средства. Од над 6000 кубни метри дрва исечени во 2015 година, бројките на искористените шумски ресурси се намалија до околу 300 кубни метри минатата година, кои беа наменети за ранливите лица од локалните заедници. Оваа година, со новиот План за управување од 2021 година, развиен од персоналот на паркот и со поддршка од Фондот за природа „Prespa Ohrid Nature Trust“, најавуваат од Националниот парк, сеча на огревно дрво нема да има.

„Галичица веќе не сече! Со паметно планирање и соодветна финансиска поддршка овој национален парк конечно нема потреба да обезбедува финансии преку искористување на шумските ресурси“, напишаа од Македонското еколошко друштво.

Со финансиска поддршка на Фондот за природа „Prespa Ohrid Nature Trust“ и „Critical Ecosystem Partnership Fund“, Националниот парк „Галичица“ ќе реализира два проекти. Станува збор за проектите „Leave no trace“ и Проект за развој на истражувања на пештерите и за заштита на лилјаците во рамки на Националниот парк. Активностите ќе ги спроведуваат невладините организации „Explorer MK“, Истражувачко Друштво „Урсус Спелеос”, „Eco – Logic“ и Општинската организација на Црвениот крст од Охрид. Покрај проектите ПОНТ и НП „Галичица“ договорија и дополнителен грант за годинава за покривање на оперативните трошоци на установата.

Како што пишуваат од ПОНТ, со приходот остварен од производството на огревно дрво како доминантен извор на финансирање, напредокот во остварувањето на целите на управување на паркот, беше скромен и не можеше да се одржи долгорочно. Обемот на сечата постепено се намалуваше од 2015 година, а со финансиската поддршка од ПОНТ, минатата година управата на паркот можеше да го одвои финансирањето на своите клучни операции од директното користење на шумските ресурси. Со новиот План за управување од 2021 година, се предвидува активно управување со шумските живеалишта во паркот за да се постигнат специфичните цели за зачувување, како што се подобрување на нивната структура и функции или отстранување на туѓи и инвазивни видови. Со елиминирањето на заканите управувањето со паркот достигна важна пресвртница во постигнувањето и одржувањето на поволен статус на зачувување на шумските живеалишта во паркот, а со тоа и долгорочното опстојување на растенијата и животните, од кои многу се ендемични, ретки или загрозени.