Универзитетот ФОН потпишал меморандум за соработка со коинвеститорите „ЈИДА констракшн“ и ФИНЕ, со кои ќе обезбеди финансиска и техничка поддршка за доизградба на универзитетскиот град на местото на поранешниот станбен комплекс „Космос“, кој беше урнат во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, како и за изградба на нова универзитетска болница.

„Со потпишувањето на овој меморандум, субјектите ја одбележуваат интернационализацијата на Универзитетот ФОН преку програмата „Нова генерација“, за која веруваме дека ќе привлече повеќе од 10.000 студенти од повеќе од 40 земји во светот. Истовремено Универзитетот ФОН ја користи оваа можност за да ги објави програмите за стипендирање на талентирани ученици од Македонија и од целиот свет“, соопштуваат од универзитетот.

Покрај тоа, ФОН ќе отвори нови студии – стоматологија, фармација, инженеринг и кинематографија, а почнува да се шири и во Азија, па два универзитета во Индија ќе бидат ребрендирани и ќе го носат името „FON University“.