МОН: Нови учебници на клупите ќе ги пречекаат учениците од септември

Лани МОН доби тужба од Комисијата за заштита од дискриминација, бидејќи не обезбеди повеќе од една третина од учебниците за учениците

Фото: МОН

Се печатат сите учебници од прво до седмо одделение во основното образование кои досега се одобрени од Националната комисија за учебници и ќе се применуваат во учебната 2024/2025 година. Процесот е отпочнат навремено, во вообичаениот период на печатење како и во изминатите години и наскоро целосно ќе се заокружи, велат во Министерството за образование и наука (МОН).

„Најдоцна на почетокот на јуни ќе биде извршена испораката до сите основни училишта во државата, согласно побараниот тираж на учебници од секое училиште. Така што, учениците новата учебна година ќе ја започнат со целосно нови испечатени учебници кои ќе ги чекаат на нивните клупи“, информираат во МОН.

Оттаму додаваат дека во меѓувреме, МОН заедно со другите надлежни институции ќе продолжи да вложува во изработка на нови наставни програми и учебници, затоа што тоа е еден од основните услови за квалитетна едукација.

Инаку лани на 5 септември, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на денешната седница одлучи да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против Министерството за образование и наука (МОН) поради тоа што недостасуваат учебници во основното образование.

„МОН го повреди правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, извршена со необезбедување учебници по секој предмет и на сите јазици на кои се изведува наставата во задолжителното деветгодишно образование“, беше наведедно во нивното соопштение.

Од 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на учебната 2023/2024 година Министерството за образование и наука не обезбедило 43, односно недостигаа 34 отсто учебници, што е повеќе од една третина.

Од МОН излегоа со образложение дека немале законски механизми да влијаат на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет.