Министерството за правда и канцеларијата на Иванов повторно во боите на „Шарената револуција“

Обоени со боите на протестот наречен „Шарена револуција“ денеска останаа Министерството за правда и канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов. Граѓаните, кои протестираат против аболицијата на претседателот, по боењето на овие два објекти и палењето на фотографиите од Иванов, се упатија кон Собранието на Република Македонија.

Засега не се знае по која маршрута ќе се движат, но може да се очекува, како и минатите денови, протестот да заврши пред зградата на Владата.

Граѓаните кои протестираат извикуваат „Нема правда, нема мир“, „Не ти бега затвор Никола“ и слични пароли против функционерите на власта.

И денеска протестот почна во 18 часот, пред зградата на Специјалното јавно обвинителство, кое е појдовна точка на неколкуте илјади демонстранти.