МЕД: Мечките не треба да се убиваат, има решенија за да не доаѓаат во населени места

Подобро управување со отпадот, намалување на притисокот врз живеалиштата на мечката и превентивни мерки за нејзино одбивање како контејнери со заштитен механизам, електрични огради, звучни и светлосни ефекти, канти со инсталиран солзавец и гумени куршуми, но не и незаконско убивање или дозволен отстрел, велат од МЕД

Фото: МЕД

Подобро управување со отпадот, намалување на притисокот врз живеалиштата на мечката и превентивни мерки за нејзино одбивање како контејнери со заштитен механизам, електрични огради, звучни и светлосни ефекти, канти со инсталиран солзавец и гумени куршуми, но не и незаконско убивање или дозволен отстрел, се решенијата за проблемот со појавата на мечки во населените места во Националниот парк „Маврово.

Ова го тврдат од Македонското еколошко друштво, по зголемувањето на бројот на мечки во регионот на Маврово и на Ростуше, а како едно од можните решенија за проблемот во јавноста беше посочен и отстрелот на мечки, и покрај тоа што станува збор за заштитен вид.

Еколозите се против како прва мерка да се одбере најрадикалната, со оглед на тоа дека недостасуваат сознанија за бројноста на мечката. Тие сметаат дека е важно да се носат одлуки засновани на научни сознанија кои ќе ја одразуваат фактичката состојба на терен, а не на мислења за тоа колку мечки треба да има на одреден простор.

Од МЕД велат дека бројната состојба на мечката во Македонија е сè уште непозната, а бројките со кои се располага се засноваат на експертски процени и ловечки статистики од терен. Досега не е направено систематско пребројување на мечки ниту на територијата на НП „Маврово“, ниту на ниво на цела држава, а од видувањата на терен и бројните сведоштва на мештаните, нејзината популација веројатно е во пораст.

„Ниту еден див вид не може да се намножи над „носечкиот капацитет“ на средината, диви животни ќе има онолку колку тоа го дозволуваат расположливоста на храна и достапноста на живеалишта, како и притисокот од луѓето. Според тоа, основа за какво било дејствување треба да биде пребројување на мечката. За жал, тоа е подолготраен процес и за истиот треба навремено да се размислува“, велат од Македонското еколошко друштво.

Посочуваат дека е потребен Акциски план кој ќе даде насоки како одржливо ќе се управува со видот, и тоа не само на национално, туку и на прекугранично ниво, а управувањето треба да ја земе во предвид и благосостојбата на животното и безбедноста на луѓето како два аспекти кои се подеднакво важни. Еколозите велат дека во дел од државите од регионот, како Грција, Хрватска и Словенија во случај кога има инциденти со мечки, постои интервентен тим составен од стручни лица кои соодветно и навремено реагираат за да се избегнат несакани последици по животното и луѓето.

Во земјава, пак, има долгогодишен недостиг на редовен мониторинг и отсуство на  соодветни мерки за управување со мечката и нејзините живеалишта, како и идентификацијата на можните конфликти со луѓето. Тука особено спаѓа несоодветното управување со комуналниот отпад и планирањето на превентивни мерки, но и навлегувањето и користењето на нејзините живеалиштата и расположливоста на храна, како што е недостатокот на шумски плодови и диви овошки.

„Во многу земји во Европа е препознаен проблемот дека диви депонии и ѓубришта близу населените места, особено во руралните средини, нудат лесно достапен извор на храна, кои мечките зачестено го искористуваат. Ова подразбира и дека тие со време се навикнуваат на овие места, и стануваат „похрабри“, односно, помалку претпазливи од присуство на луѓе. Сето ова дава основа за потенцијален конфликт со луѓето и создавање на т.н. „проблематични“ мечки“, велат од еколошката организација.

Кафеавата мечка кај нас е трајно заштитен дивеч согласно Законот за ловството, и строго заштитен вид согласно Законот за заштита на природата. Единствено, Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство може да дозволи лов на мечка како заштитен дивеч, доколку определена единка прави штети, но по претходно мислење на Министерството за животна средина и просторно планирање. Мечката е и на Националната црвената листа на цицачи како ранлив вид.

Освен со националната, мечката е заштитена и со меѓународната легислатива, Директивата за живеалишта, Бернската конвенција и Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дива фауна и флора, ратификувани од македноскиот парламент, кои имаат сила на закон.

„По разгледувањето на реалната состојба со популацијата на мечките и евидентирање на вистинските штети од страна на стручни тимови, може да се премине кон разгледување на можноста за отстрел на мечки кои причинуваат штети според законските прописи. Ваквата крајна мерка мора да биде надгледувана од стручни лица“, нагласуваат од Македонското еколошко друштво.

Реакциите на еколозите следуваат откако управата на Националниот парк Маврово побара Општината Маврово и Ростуше да одржи вонредна седница на која ќе се  прогласи кризна состојба на територијата на општината, поради сè почестата појава на кафеавата мечка во населените места.

За случајот се огласија и екологистите и Министерството за животна средина од каде, како превентивни мерки за почестото присуство на мечки во населените места во Општината Маврово и Ростуше и Националниот парк „Маврово“ предложија да се отстранат сите ѓубришта и диви депонии околу населените места и локалните патишта, навремено да се чисти сметот, да се затворат со метална ограда сите места за одлагање на комунален отпад и да се обезбеди контрола на сите објекти во кои се чува храна кои можат да бидат лесно достапни и се во близина на објекти за домување.