Меѓународна конференција „E-Society.mk – Отворени институции и отчетност“ следната недела во Скопје

Во организација на Фондацијата „Метаморфозис“, на 27 и 28 ноември во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје ќе се одржи 15. Меѓународна конференција „E-Society.mk – Отворени институции и отчетност“.

Конференцијата е завршен настан на четиригодишниот проект ACTION SEE (Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа) во кој седум организации од Западниот Балкан и Обединетото Кралство ги соединија своите напори за промовирање и обезбедување одговорност и транспарентност на властите во регионот на Југоисточна Европа. Основната цел на проектот е да се зголеми вклученоста на граѓанското општество и медиумските организации во процесите на донесување одлуки и креирање на јавното мислење и политики, како и да се зголеми капацитетот на граѓанските општества за решавање на чувствителни проблеми.

Конференцијата ќе ја отворат Бардил Јашари, директор на Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“, потоа министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, и Фани Каранфилова – Пановска, директор на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

На конференцијата ќе се презентира Стратегијата за владина транспарентност 2020 – 2021, во чие креирање големо влијание имаше токму проектот Action SEE. Дополнително, акцент ќе се даде и на тоа како медиумите влијаат на доброто владеење и како се води борбата против дезинформации.

Во рамките на конференцијата ќе се одржат повеќе сесии, на кои регионалните партнери на проектот ACTION SEE ќе ги презентираат резултатите од четиригодишните напори за зголемување на нивото на отвореност и отчетност на институциите, како и за значењето на регионалната соработка за унапредување на доброто владеење.

Паралелно со споменатите сесии, ќе бидат организирани и две дебати на актуелни теми. Првата е посветена на правната усогласеност на GDPR и полициската директива 2016/680 во националното законодавство, и во неа ќе се говори за процесот на креирање на нов Закон за заштита на личните податоци и за итната потреба за усогласување на националното законодавство со Полициската директива. На втората дебата, предмет на дискусија ќе бидат методите за ширење на медиумска
писменост и критичко мислење, нивната ефективност и потребата за нивно надградување.

Се очекува на конференцијата, која се поклопува со прославата на 15-годишниот јубилеј на „Метаморфозис“, да присуствуваат околу 150 претставници на институции од Западен Балкан, граѓанското општество и медиумски организации, како и поединци од регионот на Западен Балкан.