Манојлоски побара СДСМ да ги признае резултатите во шестата изборна единица

Горан Манојлоски од ВМРО-ДПМНЕ, кому СДСМ му го оспорува пратеничкиот мандат, побара политичките опоненти да ги признаат изборните резултати.

Горан Манојлоски, кој според првичните официјални резултати на ДИК освои пратеничко место како четврти на листата од кандидатите за пратеници од шестата изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција го повика СДСМ да ги признае изборните резултати.

– Почитувани наши политички опоненти, сите вие знаете дека изборите беа фер и коректни и поминаа во најдобар ред, нашата победа е многу чиста и јасна, тоа го знаат сите, го знаат дури и членовите на СДСМ, кои преку целиот ден ни честитаа на победата. Никој досега немаше никакви забелешки, затоа ве повикувам сите вас да ја почитувате волјата на граѓаните и да ги признаете изборните резултати – изјави Горан Манојлоски, претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово и кандидат за пратеник во шестата изборна единица.

Реакцијата следува откако СДСМ до Државната изборна комисија поднесе приговор за изборни нерегуларности во шестата изборна единица, со кој го оспорува мандадот на Манојловски.

Според СДСМ, доколку ДИК ги прифати приговорите, нивната партија ќе добие 50 пратенички мандати, исто колку и ВМРО-ДПМНЕ.