Македонците за онлајн купување лани потрошиле 156 милиони евра

Со македонски платежни картички најмногу се плаќало онлајн кон Велика Британија, Унгарија и Холандија, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), од објавените податоци од Народната банка

Фото: Image by Maria from Pixabay

Mакедонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски трговци кои вршат продажба онлајн, во 2022 година потрошиле над 156 милиони евра, што е за 46,31 отсто повеќе во однос на 2021 година, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), од објавените податоци од Народната банка на Република Северна Македонија.

Се купувало на Али Експрес, Гугл, Амазон, а се закажувале патувања и се плаќале авионски карти преку ВизЕр, Букинг, ЕрБнб.

Фото: АЕТМ

Од АЕТМ велат дека ослободувањето на мерките поврзани со пандемијата се одразило на е-трансакциите кон странските земји, посебно поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн.

Поради поголемиот пораст на вредноста на направените трансакции во однос на бројот на направени трансакции во странство во 2022 година, се зголемува износот на просечната онлајн трансакција, која од 35,3 евра се зголемила на 42,65 евра.

Со македонски платежни картички најмногу се плаќало онлајн кон Велика Британија, Унгарија и Холандија.

Фото: АЕТМ

„Очекувано е и понатаму да продолжи растот на вредноста и бројот на реализирани онлајн трансакции од Македонците кон странски е-трговци, особено за патувања, што се гледа од растот остварен во 2022 година во однос на минатата година кон Холандија (114 отсто) и Унгарија (82,4 отсто). Зголемено е и учеството на вредноста на е-купувањата во странство од 24 отсто во 2021 година на 28 отсто во 2022 година во вкупно остварената вредност на е-трансакции направена со домашни и странски платежни картички кон домашни и странски е-трговци. Секој пораст на е-трансакциите е важен за развојот на македонската е-трговија. Важно е да се менуваат навиките и сѐ повеќе граѓаните да ги користат картичките за онлајн плаќања и купувања, бидејќи кога тоа го прават за купување билети, резервации на хотели и порачки на производи од странски е-трговци сѐ повеќе ќе се навикнуваат да го прават и од домашните”, вели преседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска.

Македонците во 2022 година потрошиле најмногу пари во Велика Британија (21,8 милиони евра), додека во Луксембург направиле најголем број на трансакции (865,9 илјади).

Фото: АЕТМ

Највисока просечна вредност на е-трaнскција Македонците оствaриле во Унгарија, односно 142,5 евра, додека во Луксембург Македонците направиле најниска просечна трансакција и истата изнесува 11,2 евра.

„Најголемата вредност реализирана од Македонците кон Велика Британија, Унгарија и Холандија е очекувана ако се има предвид дека од овие земји потекнуваат Amazon UK, ASOS (Велика Британија), WizzAir (Унгарија) и Booking.com (Холандија). Ако се има предвид дека во Луксембург е регистрирана европските филијали на Amazon и АliExpress преку кои се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Велика Британија, очекуван е и најголем бројот на направените трансакции во Луксембург со најмала просечна вредност. Реализираните трансакции со повисока просечна вредност најверојатно се должат на уплата на авионски карти во Унгарија (седиштето на Wizzair), резервирање хотелски услуги во Холандија (пр. Booking.com) и сл“, соопштуваат од АЕТМ.