СВР-Скопје поднесе кривична пријава до надлежното Основното јавно обвинителство против едно лице на возраст од 17 години, Н.Е.И. (23) и Р.Д.Г. (67), бугарски државјанки, поради постоење основан сомнеж дека извршиле три кражби, при што стекнале противправна имотна корист од околу 135.000 денари, информираат од МВР.
Од страна на судија на претходна постапка на лицата Н.Е.И. и Р.Д.Г. одредена им е мерка притвор од осум дена, а малолетничката е протерана со двегодишна забрана за влез во Македонија.
„Кривичните дела, горепријавените ги извршиле минатиот месец во три бутици во три трговски центри во Скопје. Притоа сите се извршени на идентичен начин, искористувајќи го невниманието на оштетените и метежот околу нив, малолетничката со протнување рака во нивните чанти кои ги носеле на рамо ги крадела нивните паричници, додека второпријавената чувала стража, а третопријавената стоела надвор и со истата ги делеле парите“, инфомираат од МВР.
Од страна на полициските службеници од одделение за имотни деликти и малолетничка деликвенција Центар и Бит-пазар, бил подигнат видеоматеријал од безбедносните камери поставени во бутиците.
На 25 март, околу 15 часот, на улица Никола Карев во непосредна близина на Транспортниот центар – Скопје, првопријавената и второпријавената биле забележани од страна на полициски службеници и истите биле приведени.
„Во полициската станица Центар бил извршен разговор со второпријавената во кој разговор истата го појаснила начинот на извршувањето на кривичните дела и посочила дека третопријавената со автобус веќе се упатила кон граничен премин Деве Баир. Со телеграма биле известени граничниот премин Деве Баир, по што од нивна страна било извршено запирање на наведениот автобус, каде што третопријавената била лишена од слобода и спроводена во полициската станица Центар“, се вели во билтенот на МВР.