Кривична пријава за поранешниот вработен во студентскиот дом „Пелагонија“ кој ја запали канцеларијата на директорот

фото: Мета.мк

Кривична пријава за „тешки дела против општата сигурност“ ќе добие лицето Н.Ј., поранешен вработен во студентскиот дом „Пелагонија“, кој минатиот петок фрли запалива течност во канцеларијата на директорот на домот, Агим Фејзулахи, што предизвика пожар.

Од МВР соопштија дека вчера извршиле службен разговор со лицето, кое го признало делото. Причина за предизвикувањето на пожарот и оштетувањето на инвентарот бил непродолжен договор за работа.

„На 15.11.2022 во 10 часот во Полициската станица Кисела Вода бил извршен службен разговор со Н.Ј.(35) од Скопје поради сомнение дека на 11.11.2022 во канцеларијата на директорот во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје, поради непродолжен договор за работа, со тврд предмет оштетил дел од инвентарот и со бензин предизвикал пожар. Во службениот разговор тој го признал делото. Н.Ј. бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по чл. 292 од КЗ“, велат од МВР.

Во петокот околу 9 часот наутро во студентскито дом „Пелагонија“ избувна пожар во канцеларијата на директорот Фејзулаху, кој не зафатил други простории или студентски соби.

Изгоре канцеларијата на директорот во студентскиот дом „Пелагонија“