„Крај на програмата“ ѝ порачаа демонстрантите на МРТВ

„Шарената револуција“ вечерва ја обои зградата на МРТВ и му порача на јавниот сервис „Крај на програмата“. Фокусот на денешниот протест беше дека МРТВ е јавен сервис на граѓаните и дека негова задача е да работи професионално, а не партиски.

Пред МРТВ, се обрати поранешниот претседател на Советот за радиодифузија, Зоран Стефановски, според кој, МРТВ е куќа на духови.

– Ова куќа сокрива и убиства, насилства, настани поврзани со 5 мај (минатогодишните протести по „бомбата“ за Мартин Нешковски), 24 декември (исфрлањето на новинарите и опозицијата од Собранието), но и „бомби“, криминалци и корупција. Сè што е негативна информација за тиранијата, тие ја сокриваат – истакна Стефановски.

Претседателката на Синдикатот на новинари, Тамара Чаусидис, истакна дека во оваа куќа ги научила основните постулати на професијата, но таму првпат го слушнала и мотото „Наведната глава, сабја не сече“. Таа се осврна и на лошите услови во кои работат хонорарците, но и искусните новинари, како и на притисокот што го трпат. Тие, според нејзе, повеќе не веруваат во тој систем.

Пред насобраните, беше пуштена и „бомбата“ што минатата година ја објави СДСМ, а во која, како што појасни тогаш лидерот на партијата, Зоран Заев, се слуша разговор меѓу поранешната министерка Гордана Јанкулоска и шефот на кабинет на поранешниот премиер, Мартин Протоѓер, преку кој се открива селективниот однос на власта кон медиумите, кои важат за блиски до нив и како се решаваат „кризни ситуации“ кога треба да се прикријат одредени информации.

Демонстрантите, на полицијата која го обезбедуваше објектот на јавниот сервис, им подарија црвени рози и им го честитаа Денот на полицијата.

Сепак, подоцна дојде до близок контакт меѓу демонстрантите и припадниците на безбедносните сили, бидејќи присутните граѓани се упатија кон лице за кое забележаа дека ги снима и ги фотографира, додека фрлаа боја кон зградата на Македонското радио. Побараа од него да се легитимира, го прашаа зошто снима, кој го пратил и од каде доаѓа. Лицето не одговори на овие прашања, само кажа дека не е новинар, туку дека „снима за приватни цели“, за потоа снимките да им ги продаде на одредени медиуми.

Протестот заврши мирно и демонстрантите се разотидоа. Претходно, додека се движеа од почетната точка, односно од објектот на Специјалното јавно обвинителство, кон МРТВ, ја обоија позлатената ограда на мостот „Слобода“ и пред неа испишаа „Сиромаштија“.

Демонстрантите носеа и транспарент, на кој пишуваше „Смрт за режимот, слобода за МРТВ“.

Музички шмек на вечерашните протести дадоа и „Белизе бенд“, кои исполнија две нумери, меѓу кои и последниот хит „Земјо Жмровска“. Тие побараа и симболично си добија субвенции за нивната музика, а парите рекоа дека ќе ги искористат „за светска турнеја и за настап во Панама“.

Граѓанската организација „Протестирам“ вечерва одржа протести во Струмица, Битола, Кочани и во Кичево.