фото: leo2014 from Pixabay

Загрижувачки бројки на Државниот завод за статистика за бројот на починати лица во првиот квартал од 2021 година. Дури 6.925 лица починале во периодот јануари-март 2021 година, што претставува зголемување од 35,8 отсто во споредба со истиот период од претходната година.

„Природниот прираст е негативен и изнесува – 3 029, што значи бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица“, се наведува во статистичкиот извештај.

По бројот на починати лица во првиот квартал од 2021 година, најлошо поминале Прилеп, Битола и Скопје. Во главниот град во овој период имало загрижувачки 1.646 починати лица и природен прираст -444. По Скопје, следи Битола со 426 починати лица во периодот јануари-март, додека природниот прираст изнесувал -231. И Прилеп во овој временски период имал 391 починато лице, односно природниот прираст изнесувал -256.

Инаку, токму овие општини од почетокот на годинава беа силно погодени од ковид-19 пандемијата, при што голем број граѓани од овие три општини ја изгубија битката со корона вирусот. Државниот завод за статистика во објавениот извештај не потенцира дека огромниот раст на бројот на починати лица е резултат на ковид-19 пандемијата за првиот квартал.

Но, затоа пак, за четвртиот квартал од 2020 година, статистичарите за овој извештаен период напоменуваат дека загрижувачкиот раст од 89,1 отсто кај бројот на починати лица во периодот октомври-декември 2020 година е „како последица на пандемијатa со ковид-19 и задоцнувањето на извештаите од одделни матични подрачја од претходните квартали“.

Податоците од претходните извештаи на Државниот завод за статистика за природното движење на населението покажуваат дека волку голем пораст на бројот на починати лица во еден квартал, како што е тоа случајот со првите три месеци од 2021 и последните три месеци од 2020 година, не се забележани во изминативе неколку години.

Инаку, според официјалните податоци од Министерството за здравство, од почетокот на ковид-19 пандемијата во земјава, а заклучно со вчерашниот ден, битката со корона вирусот ја изгубиле 5.369 лица.