Ковачевски: Ги помагаме Македонците во Албанија, поддршката ќе продолжи

Ковачевски рече дека тој пред еден месец заедно со неговите владини колеги на Македонците од Албанија им донирал опрема и механизација за расчистување на патишта, а претходно министерот за надворешни работи Бујар Османи бил дел од поголем проект за донирање на училишен прибор

Премиерот Димитар Ковачевски / фото: Влада на Република Северна Македонија

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја коментираше посетата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Голо Брдо, Албанија во пресрет на одржувањето на пописот кај нашиот западен сосед. Ковачевски изјави дека македонската држава има одлични односи со Албанија, а како држава на нашето македонско население даваме помош на многу начини во Албанија.

Ковачевски рече дека тој пред еден месец заедно со неговите владини колеги на Македонците од Албанија им донирал опрема и механизација за расчистување на патишта, а претходно министерот за надворешни работи Бујар Османи бил дел од поголем проект за донирање на училишен прибор за македонското население кое живее во Албанија.

„Ние со тоа ќе продолжиме. Исто така, имаме гаранција од страна на албанската влада, која исто така е членка на НАТО како и ние, дека пописот во Албанија ќе биде спроведен исто како и кај нас, согласно со сите светски стандарди и стандарди на Евростат“, рече Ковачевски.

Како држава ние ќе продолжиме да ги помагаме нашите македонци во Албанија, додаде премиерот.

Тој додаде дека актуелната влада ги помага Македонците во Албанија и никогаш не побарала нешто да направат за кој било политички естаблишмент во државата, за разлика од она што правеше владата на ВМРО-ДПМНЕ со Македонците од Албанија, кога ги носеа по Скопје за да гласаат со некакви инженеринг процедури за да можат да ја сменат волјата на граѓаните на Центар за избор на градоначалник.

Премиерот Ковачевски потсети дека се отворени неколку катедри на македонски јазик во соседните земји на најдобрите универзитети. Подготвено е и отворање на Културно-информативен центар во Србија, а привршуваат подготовките на финалниот транспорт на икони од македонските цркви кои се наоѓаат во Албанија. Благодарение на Еди Рама, албанските власти го завршиле целиот процес на нивно собирање и иконите ќе се вратат во Македонија, а на целиот процес ќе присуствуваат и Македонци од Албанија.

Инаку, бугарската потпретседателка Јотова покрај во Голо Брдо, в сабота ќе го означи почетокот на новата учебна година во бугарското неделно училиште на Друштвото „Бугарите во Албанија“ во градот Елбасан. Јотова во Тирана ќе се сретне и со ректорот на Тиранскиот универзитет, каде се предава и бугарски јазик, а во главниот град на Албанија таа ќе ја промовира и книгата „Бугарите во Албанија“ од Спас Ташев.

Пред пописот во Албанија, бугарската потпретседателка Јотова во посета на Голо Брдо