Контролата на Конгресот и понатаму неизвесна, Демократите изненадувачко силни на изборите

Фото: Луис Веласкез (Louis Velazquez) на „Ансплеш“ (Unsplash)

Контролата на американскиот Конгрес останува избалансирана меѓу двете водечки партии во САД, а Демократската партија покажа изненадувачка сила победувајќи ги Републиканците во серија конкурентни трки и пркосејќи им на очекувањата дека високата инфлација и нискиот рејтинг на претседателот Џо Бајден ќе ја повлечат партијата надолу, пишува Асошиејтед Прес.

Демократот Џон Фетерман направи пресврт во Пенсилванија чие место во Сенатот досега беше контролирано од Републиканците. Во Конгресот Демократите ги задржаа местата и во областите како Вирџинија, Канзас и Род Ајленд.

Демократите беа успешни и во трката за гувернери, победувајќи во Висконсин, Мичиген и Пенсилванија, места кои беа од витално значење за победата на Бајден над Доналд Трамп на претседателските избори во 2020 година. Републиканците, од друга страна, и понатаму ги држат гувернерските места во Флорида, Тексас и Џорџија, каде пред две години тесна победа однесе Џо Бајден.

Пребројувањето на гласовите сѐ уште трае, а Републиканската партија ја задржува можноста да издвојува контрола на Конгресот. Резултатите, сепак, се охрабрувачки за Демократската партија која се подготвуваше за огромни загуби на овие избори.

Исходот од трката за Сенатот и Претставничкиот дом ќе ја одреди иднината на агендата на претседателот Бајден и ќе послужи како референдум за неговата администрација, додека нацијата се опоравува од рекордно високата инфлација и загриженоста за насоката на земјата.

Асошиејтед Прес пишува дека контролата на Републиканците врз Долниот дом може да предизвика серија истраги против Бајден и неговото семејство, додека преземањето на Сенатот би ја нарушило способноста на претседателот да врши судски назначувања.

Партијата на власт во САД речиси секогаш трпи пораз во првите среднорочни избори, но Демократите се надеваат дека гневот од одлуката на Врховниот суд да ги одземе правата за абортус може да ги поттикне нивните гласачи да им пркосат на историските трендови.

Демократската партија го има клучното место во Сенатот во Њу Хемпшир, каде што актуелната претседателка Меги Хасан го победи републиканецот Дон Болдук, пензиониран армиски генерал кој првично ги промовираше лагите на Трамп дека изборите во 2020 година биле наместени, но потоа се оддалечи од поекстремните позиции што поранешниот претседател ги зазеде за време на изборите во Републиканската партија.

На овие избори кои се први по немирите од 6 јануари минатата година, учествуваа и републиканци кои беа дел или се наоѓаа во близина на нападот на американскиот Капитол. Меѓу тие републикански кандидати е и Џ.Р. Мајевски, кој се наоѓаше во Капитол за време на смртоносниот напад и кој загуби од демократската претставничка Марси Каптур.

Проекцијата за чинење на овие избори изнесува 16,7 милијарди американски долари на државно и федерално ниво, што ги прави најскапите конгресни избори досега.

Доналд Трамп им помогна на републиканските кандидати да победат во Охајо и Северна Каролина. Трамп на овие избори поддржа повеќе од 300 кандидати низ целата земја, надевајќи се дека големата победа на Републиканците ќе му помогне во номинацијата на републикански кандидат за претседателските избори во 2024 година.

И покрај нивната либерална историја, државите како Масачусетс, Мериленд и Илиноис во минатото избираа републикански гувернери, но премногу конзервативните ставови на републиканските кандидати годинава им овозможија лесни победи на Демократите. Маура Хили стана првата жена избрана за гувернер на Масачусетс и прва гувернерка во земјата која отворено се изјаснила како лезбејка, додека Вес Мур стана првиот афро-американски гувернер на Мериленд.