Конкурс за краток хорор расказ на македонски јазик за „Ноќта на вештерките“

Кратките раскази се испраќаат на адресата [email protected] со назнака „Конкурс за краток хорор расказ“ најдоцна до 28 октомври, понеделник, до 12:00 часот напладне

Во пресрет на празникот „Halloween“ или „Ноќта на вештерките“, кој традиционално во западните земји се одбележува на 31 октомври, Новинската агенција „Мета.мк“, во соработка со Книжевниот центар „Антолог“, објавува Конкурс за краток хорор расказ, кој се организира по петти пат.

Право на учество на конкурсот имаат сите млади лица на возраст од 16 до 29 години.

Во расказите треба да доминираат морничави и мистериозни случувања во кои се опишува натприродното, необјаснивото и непознатото.

Расказите не треба да бидат подолги од 100 реда (три страници во Word документ, напишани со фонт Arial и големина на фонт 14). Расказите треба да бидат напишани на македонски литературен јазик.

Трудовите треба да бидат ваши и оригинални, односно не смеат да бидат преземени или копирани од веќе објавени приказни во каков било вид домашни или странски медиуми. Не е дозволено учество со содржини напишани и копирани од генеративна вештачка интелигенција, односно од чет-ботови како „ChatGPT“ или „Gemini“.

Кратките раскази се испраќаат на адресата [email protected] со назнака „Конкурс за краток хорор расказ“ најдоцна до 28 октомври, понеделник, до 12:00 часот напладне.

Во пораката наведете ваши податоци – име, презиме, возраст, контакт телефон, како и псевдоним под кој би сакале да биде објавен расказот.

Нема ограничување во однос на бројот на раскази што еден учесник може да ги испрати, но еден автор може да биде добитник само на една награда.

Кратките раскази ќе ги оценува комисија составена од уредник и новинар во Новинската агенција „Мета.мк“, како и уредник во Книжевниот центар „Антолог“. Наградените раскази ќе бидат одбрани според морничавоста на темата, креативноста и оригиналноста, како и правилното користење на македонскиот литературен јазик.

Авторите на трите најдобри и најстрашни раскази ќе добијат ваучери за книги и тоа:

Прва награда – ваучер во износ од 3.000 денари;

Втора награда – ваучер во износ од 1.500 денари;

Трета награда – ваучер во износ од 500 денари.

Резултатите од Конкурсот и трите победнички раскази ќе бидат објавени на 31 октомври, четврток, на интернет-страницата и на каналите на „Мета.мк“ на социјалните мрежи.

Организаторите на конкурсот го задржуваат правото да ги објават и останатите раскази во договор со авторите.