Министерството за образование и наука (МОН) вчера објави дел од резултатите од конкурсот за сместување на ученици во ученичките домови во учебната 2024-2025 година.
Списоците со примени ученици во домовите „Здравко Цветковски“– Скопје, „Димитар Влахов“- Скопје, „Партенија Зографски„ – Скопје, „Д-р Панче Караѓозов“– Скопје, „Мирка Гинова“- Битола, „Ванчо Питошески“ – Охрид, „Крсте Петков Мисирков“– Кавадарци, „Лазар Лазаревски“– Велес и У „Св.Наум Охридски“– Македонски Брод може да се најдат на овој линк.
Во ниту еден ученички дом не се пополнети вкупно предвидените капацитети.
По објавување на списоците со рангирани ученици по домови, учениците имаат право на приговор во рок од три дена. Приговорот се поднесува во Министерство за образование и наука.
Вселувањето на примените ученици започнува од 31 август.
„Доколку останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе биде активно од 15.08.2024 година сè додека има слободни места, за што Министерството за образование и наука континуирано на својата веб страница ќе објавува списоци за примени ученици по домови“, стои во Конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025.
Во конкурсот се додава и дека, доколку слободните капацитети во ученичките домови не се пополнат, конкурсот ќе остане отворен за пополнување на слободните места со студенти.