На Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ денеска се отвори студиото во рамките на Центарот за иновации во медиумите, проект кој цели да ја подобри практичната настава на новинарските студии.
Деканот на Правниот факултет, „Јустинијан Први“ – Скопје, Сашо Ѓеоргиевски, на денешниот настан по повод отворање на студиото истакна дека ова е проект кој е посветен на унапредување на медиумското образование.
„Јас сум сигурен дека преку центарот на идните генерации студенти ќе има понудиме практична работа со учество на наши посветени пријатели, професионални новинари кои ќе ни помагаат да ги унапредуваме студиите,“ изјави Ѓеоргиевски.
Амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Агелер, која исто така говореше на настанот повика студентите да бидат менторирани проактивно и потенцираше дека преку ова студио ќе се инспирираат идните генераци и тие што се посветени да бидат пример за вистинито и транспарентно известување.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кажа дека ова претставува многу значаен чекор за осовременување на студиите.
„Додека ги отвораме вратите на ова студио во Центарот за иновации во медиумите, сакам да верувам дека отвораме и новата страница во начинот на студирање и изучување на новинарската професија. Една пресвртница која ќе донесе креативност, истражување и иновации во медиумскиот свет,“ рече министерот.
Ректорката на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, Билјана Ангелова, истакна дека имајќи го предвид фактот дека новинарите се креатори на јавното мислење, неопходно е професионално новинарство, кое што ќе биде транспарентно.
Дон Гилпин од Државниот универзитет во Аризона, Волтер Кронкајт школо за новинарство и масовни комуникации сподели дека во денешницата е неопходно да ја разбираме техологијата.
„Значајно е за факултетот кој ќе ги користи овие технологии за унапредување на учењето. Овој центар ќе служи како сврзно ткиво помеѓу Универзитетот, професионалните новинарски капацитети и јавноста,“ рече таа.
Раководителката на Центарот за иновации во медиуми, Правен факултет „Јустинијан Први“ Скопје, Јасна Бачовска Недиќ, говореше за создавање на студиото и наведе дека првата цел на студиото е дополнување на новинарските студии, а втората е привлекување на нови студенти.
Според неа, на овој начин ќе ја задржиме европска традиција на теорија, но ќе ја засилиме со американската теорија на вештини.
Студиото е опремено со современа опрема за создавање и уредување на медиумски проекти, со цел унапредување и осовременување на студиите по новинарство со поддршка од амбасадата на Соединетите Американски држави преку заеднички проект со Волтер Кронкајт школото за новинарство и масовни комуникации при државниот универзитет во Аризона.