Клиника за гинекологија: Бројките за смртност на новороденчиња се вадат од контекст

Бројките за смртноста на новороденчиња на Клиниката за гинекологија и акушерство, изнесени во јавноста, се вадат од контекст, изјавија денеска на прес-конференција лекари од Клиниката.

Според раководителот на онколошкото одделение на Клиниката, д-р Драган Тантуровски, бројките што се презентираат треба да бидат направени врз основа на едногодишна или повеќегодишна статистичка обработка.

– Многу е лошо кога се вадат од контекст одредени бројки. Смртноста на бебињата е намалена на 8,5 отсто во 2015 година, во споредба со 13 отсто во 2013 година – вели Тантуровски.

Тој рече дека не може да коментира за вистинитоста на медицинските документи објавени во јавноста, но најави дека ќе поведе правна постапка поради изнесувањето медицинска документација од Клиниката.

– Искрено, жалам што се случуваат настани на оваа Клиника кои не се примерни за ниедна институција со вакво реноме, односно излегување на официјална медицинска документација која е професионална тајна и затоа Клиниката има правна служба која адекватно ќе одговори – рече д-р Тантуровски.

Раководителката на одделението за интензивна неонатална нега и терапија, д-р Снежана Јанчевска, изјави дека минатата година биле објавени сите податоци во врска со перинаталната и неонаталната смртност во Македонија во период од пет години, со сите детали и обработки на причините.

– За оваа година извештајот ќе го направиме и апсолутно преку релеватните установи ќе ѝ биде достапен на јавноста – рече Јанчевска.

Минатата година на Клиниката за гинекологија и акушерство биле изведени околу 5.800 породувања.

Ангелчо Андоновски од комисијата за здравство на СДСМ, денеска на прес-конфереција предупреди дека на Клиниката во Скопје во првите шест месеци од оваа година починале 82 новороденчиња, а за две недели починале 20 новороденчиња. Тој го обвини министерот за здравство, Никола Тодоров, дека е виновен за ваквите состојби во здравството.