Канческа – Милевска: Власта ги прифати нашите предлози за амандманите

Власта ги прифати нашите барања за нацрт-амандманите за измена на уставот. Баравме амандман со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет во Уставот, со обврска на републиката да го штити културното и историското наследство на македонскиот народ. Второто наше барање е доколку Грција не го ратификува Договорот и повторно блокира, да има поништување на сите уставни амандмани, рече Координаторката на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Елизабета Канческа – Милевска.

Таа порача дека за Македонија може многу да се направи само со „соработка, позитивна енергија и позитивна мисла, ни треба обединување“, а за собраниското тело помирување, поранешната министерка за култура појасни дека до претседателот на Собранието е поднесена иницијатива за негово формирање.

– Се надевам в понеделник ќе имаме координација во оваа насока и ќе заземеме став како ќе се води и која ќе биде методологијата. Сериозно е ова тело и сериозно треба да се пристапи и сите да се вклучиме со цел да одиме во насока на помирување и во насока на зацврстување на односите. Очекувам дека ќе земат учество во телото и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – изјави таа.

Првиот нацрт амандман, предложен од независните пратеници кои во Собранието влегоа како членови на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде вграден во членот 49 од Уставот и ќе гласи: Република Македонија ќе го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ, појасни Канческа – Милевска.

– Второто наше барање беше прифаќање одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Грција не го ратификува договорот и ги попречи интеграциите ќе има безуслсовно поништување на сите прифатени уставни амандмани кои произлегуваат од договорот од Преспа. За мене е ова многу важно и нашето барање е прифатено – рече таа.