Извештај: Намален јазот меѓу Европа и САД во прифаќањето напредни дигитални технологии

Минатата година, 69 отсто од фирмите во ЕУ имплементирале напредни дигитални технологии, како напредна роботика, анализа на големи податоци и вештачка интелигенција, додека во САД овој процент изнесува 71

фото: Европска инвестициска банка (ЕИБ)

Повеќе од половина од фирмите на Европската Унија (ЕУ) презеле чекори за подобрување на своето дигитално присуство во 2022 година, како што е нудење услуги на интерес. ЕУ, исто така, го намали јазот со САД во прифаќањето напредни дигитални технологии, покажува новиот извештај „Дигитализацијата на Европа 2022 – 2023: докази од анкетата за инвестирање на ЕИБ“.

Минатата година, 69 отсто од фирмите во ЕУ имплементирале напредни дигитални технологии, како напредна роботика, анализа на големи бази на податоци и вештачка интелигенција, додека во САД овој процент изнесува 71.

Иако европските фирми направиле значителен напредок, оние во САД севкупно постигнале поголем напредок во дигитализацијата како одговор на пандемијата, првенствено поради пониските дигиталн инвестиции од микро и малите фирми во ЕУ. Само 30 отсто од микропретпријатијата во ЕУ ѝ дале приоритет на дигитализацијата споредено со 62 проценти од големите фирми. Дека ограничениот пристап до дигиталната инфраструктура е главна пречка за инвестирањето сметаат 14 отсто од фирмите.

Покрај ова, извештајот нотира и дека напорите за дигитализација на фирмите во голема мера зависат и од достапноста на работници со дигитални вештини. Затоа, од суштинско значење е регионите да ги подобрат системите за образование и обуки за да ги надградуваат вештините постојано.

„За да ја постигне дигиталната транзиција и да ги искористи нејзините долгорочни придобивки, ЕУ треба да направи повеќе од само прифаќање на технологијата и да ги земе предвид пошироките општествени импликации. Охрабрувањето на работниците да ги подобрат своите дигитални вештини ќе биде клучно за да се создаде средина погодна за иновации во Европската Унија, што за возврат ќе ги направи компаниите и регионите поконкурентни и поотпорни“, вели Дебора Револтела, директорка на Одделот за економија на Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Во извештајот се наведува дека витална улога во дигитализацијата има и трговијата, бидејќи фирмите што се занимаваат со меѓународна трговија почесто прифаќаат напредни дигитални технологии.

Дигиталните фирми покажуваат поголема издржливост при нарушувањата во трговијата и со ваквите нарушувања се справуваат со поголема проактивност. Ваквите фирми с еисто така понаклонети да инвестираат во мерки против климатските промени: 57 отсто во однос на 43 отсто од недигиталните фирми.

„Дигиталната инфраструктура, вклучувајќи ги пристапот до брз интернет, достапноста на квалификувани работници и иновативните средини, играат клучна улога во поттикнувањето на дигитализацијата. Регионите со подобра дигитална инфраструктура имаат повисоки приходи од дигитални инвестиции и поголемо присуство на дигитални фирми. Со сеопфатно прифаќање на дигиталната трансформација, Европската Унија може да создаде просперитетна и одржлива иднина“, вели Рикардо Мурињо, потпретседател на ЕИБ.

Дигиталните технологии можат да помогнат во справувањето со предизвици на средината, како што се паметната урбана мобилност, прецизното земјоделство и одржливите синџири на снабдување, придонесувајќи за намалување на емисиите и олеснување на транзицијата кон позелена економија, се вели во извештајот.