Израел без престан бомбардира во Газа, УНИЦЕФ регистрира трауми кај палестинските деца

Траумата врз палестинските деца ќе биде интергенерациска, предупредуваат од УНИЦЕФ, а во меѓувреме се потврди дека Израел бомбардирале места кои претходно им ги назначиле на жителите на Газа како безбедни

Фото: исечок од видео / Израелски одбранбени сили на социјалната мрежа „Х“

Откако израелските одбранбени сили им наредија на жителите на Појасот Газа во северниот дел од Појасот Газа да се евакуираат во јужниот дел на Газа, забележани се најмалку четири инстанци на бомбардирање кои биле назначени како „безбедни“ од Израел, известува Би-би-си во нивната анализа. По бомбардирањето во југот на Газа, Обединетите нации и други хуманитарни организации предупредуваат дека веќе никаде не е безбедно.

Израелските одбранбени сили често објавуваат мапи со упатства за тоа каде препорачуваат да се движат жителите на Газа. Но, како што потенцираат од Би-би-си, овие мапи често не се многу прецизни и само содржат стрелки кои означуваат генерален правец по кој треба да се движат палестинските цивили.

Би-би-си потврдиле четири случаи на бомбардирање во места кои биле означени како безбедни на мапите објавени од Израел. На 8 октомври израелските одбранбени сили споделиле мапа на Х (поранешен Твитер), која ги упатувала граѓаните да се движат кон центарот на јужниот град Кан Јунис. Само два дена подоцна, на 10 октомври, токму центарот на Кан Јунис бил бомбардиран – Би-би-си ја потврдиле информацијата, водејќи се по одредени знаменитости на Кан Јунис кои се видливи во видеото од урнатата зграда. 

Кан Јунис повторно бил бомбардиран на 19 октомври, откако било споделено дека е безбедно место на 16 октомври.

Три хуманитарни кампа биле бомбардирани на 17, 18 и 25 октомври, откако биле советувани жителите на Појасот Газа да се сместат во кампови на 8 октомври. 

Израелските одбранбени сили велат дека не можат да споделат дополнителни информации за овие специфични случаи.

„Ги имаме повикано граѓаните на Газа да се движат кон југот, но ќе продолжиме да бомбардираме терористички мети во сите делови од Газа“, рекле израелските одбранбени сили.

Истовремено, УНИЦЕФ апелира итно да се пружи хуманитарна помош на децата од Газа. Џејмс Елдер, претставник од УНИЦЕФ, вели дека Газа е „гробишта за деца“, со над 3.450 убиени деца во контраофанзивата на Израел по терористичкиот напад на Хамас на Израел на 7 октомври во кој беа убиени над 1.400 луѓе.

Елдер ги посочува последиците на немањето доволно вода, истакнувајќи дека Газа дневно произведува само пет проценти од тоа колку типично произведува. Нечиста и солена вода е честа замена за чистата вода. Toj предупредува дека постои сериозна закана на високо ниво на детска смрт како последица на дехидрација.

Претставникот на УНИЦЕФ исто истакнува колку пеколната состојба во Газа ќе влијае на менталното здравје на децата. Четиригодишната ќерка на волонтерка за УНИЦЕФ во Палестина почнала да се самоповредува, кубејќи си ја косата и триејќи си ги бутовите до степен на крвавење.

„Го немам луксузот да мислам на менталното здравје на моите деца. Само си велам  ’Несма, само осигурај се дека ќе останат живи‘. Кога сето ова ќе заврши, ќе им пружам ментална поддршка и медицинска грижа“, вели Несма, мајката на претходно спомнатото дете.

Елдер вели дека ваквата траума ќе има последици со генерации и истакнува дека пред нападот било проценето дека на 800.000 деца во Газа, три четвртини од детското население во појасот, им била потребна психосоцијална поддршка.

Инаку, граничниот премин со Египет околу градот Рафа се подготвува за делумно отворање. Според Гардијан, ќе се дозволи преминот на сериозно повредени луѓе, како и на тие со странско или двојно државјанство. Забележани се амбулантни возила на египетската страна на границата, како и новоизградена привремена болница.

Рафа, инаку, исто така беше бомбардирана на 11 октомври, само три дена откако израелските одбранбени сили ги упатија жителите на Газа да се движат кон Рафа.

Дополнително, повторно е забележано снемување на телефонската и интернет мрежа. Странските новински агенции имаат контакт само со новинари со израелски или меѓународни сим картички.

Израел исто така успешно се одбранил против воздушните напади од јеменската политичка и вооружена организација Хути, известуваат Си-ен-ен. Тие велат дека нема да престанат со напади сè додека не престане израелската агресија. Ваквите напади додаваат на стравот дека конфликтот во Газа ќе ескалира во поширока војна во регионот.