Изборите ја спречиле ВМРО-ДПМНЕ да учествува на самитот на сестринските партии

Распуштањето на Собранието и средбите со граѓани им биле приоритет на водечките кадри на ВМРО-ДПМНЕ и затоа не учествувале на Самитот на европските народни партии, кој се одржа вчера во Мастрихт, Холандија.

Од владејачката партија, која е член на ова асоцијација на европските демохристијански партии, велат дека добиле покана, но навремено одговориле дека поради обврски, нема да присуствуваат на самитот.

– ВМРО-ДПМНЕ редовно учествува на настаните и на конференциите на Европската народна партија. На поканата за самитот на ЕНП во Мастрихт, навремено одговоривме и ги известивме нашите партнери од ЕНП дека оваа недела приоритет ни беше распуштањето на Собранието, распишувањето на изборите и присуството меѓу граѓаните во локалните средини – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека соработката ја продолжуваат со редовно учество на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во активностите на ЕНП.